ОД ДЕТСТВОТО СЕ СООЧУВАЛ СО БОЛКА, БУЛИНГ И ГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ Младиот актер имал тешко детство и болни терапии за церебрална парализа, а како тинејџер се грижел за парализираната помајка

Ар Џеј Мити, кој се прослави како Волтер Вајт Џуниор во култната серија, отворено зборуваше за тешкотиите со кои се соочувал поради попреченоста, насилството од врсниците и семејните трагедии. Неговите искуства го поттикнале да се бори за поголема застапеност на лицата со попреченост во филмската индустрија.

111

Ар Џеј Мити, актерот познат по улогата на Волтер Вајт Џуниор во серијата „Breaking Bad“, почина на 34-годишна возраст, а неговиот претставник ја потврди веста дека станува збор за самоубиство. Зад неговиот успех во Холивуд стои животна приказна исполнета со тешки искуства, за кои тој со години зборуваше јавно, надевајќи се дека ќе им помогне на другите кои се соочуваат со слични предизвици.

Мите бил посвоен само неколку недели по раѓањето од Рој Френк Мити Помладиот и Дина Мити. Неговите посвоители се одлучиле за посвојување откако Дина се соочила со рак на јајниците, а и Рој имал свои здравствени проблеми. Актерот дознал дека е посвоен кога имал околу осум години, откако неговиот полубрат му ја открил тајната. Подоцна раскажал дека тоа сознание не го натерало да ги бара биолошките родители, бидејќи никогаш не се чувствувал несакан во семејството.






– Ниту еднаш во животот не почувствував дека не сум сакан или дека сум товар – изјавил тој за „Гардијан“. Неговите посвоители подоцна се разделиле, а Мити главно растел со мајка си Дина, која станала негов најголем поддржувач.

Тој имал само три години кога му била дијагностицирана церебрална парализа, невролошка состојба што влијае врз движењето и контролата на мускулите. Имал спастична форма на церебрална парализа, која најмногу ја зафаќала левата страна од телото. Во текот на детството минувал низ физикална, работна и говорна терапија, а подоцна раскажувал дека третманите биле тешки и болни. Сепак, со текот на годините научил да се справува со својата состојба и да не дозволи таа да му ја одреди иднината.

– Кога одев на училиште, сфатив дека сум ‘ненормален’ во споредба со повеќето други деца – изјавил во едно интервју, опишувајќи го моментот кога станал свесен за разликите меѓу себе и врсниците. Иако се обидувал да води вообичаен живот, бил изложен на врсничко насилство, искуство за кое подоцна зборувал како за една од најтешките страни на растењето со попреченост.

– Церебралната парализа и менталното здравје одат рака под рака, бидејќи кога имате физичка попреченост, двојно е поголема веројатноста да бидете малтретирани – рекол Мити во 2015 година. Уште како тинејџер морал да се соочи и со тешка семејна ситуација. Неговата мајка Дина доживеала сообраќајна несреќа во која ѝ бил повреден ’рбетот, по што останала парализирана. Мите имал околу 13 години кога почнал да презема голем дел од одговорностите во домот, помагајќи ѝ на мајка си и грижејќи се за својата помлада сестра Лејси.

Во интервју за „Гардијан“ во 2016 година раскажал дека сестра му имала само неколку месеци кога се случила несреќата, а дека нејзиниот татко не бил присутен во нивниот живот.

– Јас се грижев за Лејси. Ја пресоблекував, ѝ подготвував шишиња, ја хранев, ја нишав, ја капев – сè правев јас – открил актерот. Тој се пошегувал дека, покрај брат, станал и нејзина татковска фигура.

Мити станал и главен извор на приходи за семејството уште во раните тинејџерски години. Почнал да работи како статист во филмови и телевизиски продукции, а потоа постепено добивал поголеми улоги. Својата одговорност ја опишал како застрашувачка, но неопходна, бидејќи семејството морало да ги плаќа сметките.

Пресвртот во неговата кариера дошол во 2008 година, кога на 16-годишна возраст ја добил улогата на Волтер Вајт Џуниор, синот на наставникот по хемија кој станува наркобос во серијата „Breaking Bad“. Ликот, исто како и актерот, има церебрална парализа, но Мити објаснил дека нивните симптоми не се идентични. Улогата му овозможила да стане познат ширум светот и да зборува за тоа колку е важно актерите со попреченост да добиваат вистински можности.

По успехот на серијата, работел и во други телевизиски и филмски проекти, а се посветил и на хуманитарна работа.

Поврзани содржини