БРОДОВИТЕ ВО БУГАРСКИТЕ ВОДИ НАГЛО СВРТЕЛЕ ПРЕД НАПАДОТ Едниот е украински танкер кој пловел под малтешко знаме

Податоците за движењето откриваат нагли свртувања и губење брзина на двата нападнати брода. Еден брод потонал. Софија засега нема докази за потеклото на дроновите.

0

Двата нападнати товарни брода во бугарските води нагло го промениле курсот, изгубиле брзина и почнале непредвидливо да се движат во Црното Море, пишува Скај Њуз.

Податоците за нивното движење откриваат драматични маневри во периодот на нападите со дронови. Еден од бродовите потонал, а другиот останал на површината.






Веста доаѓа во момент кога бугарскиот премиер Румен Радев ја повикал руската амбасадорка во Софија на разговор во врска со нападите.

Бугарија засега нема докази за потеклото на беспилотните летала и не ја обвинува директно Москва.

Според анализата на Сем Доак, продуцент за истражувања со отворени извори (OSINT), двата брода покажале необични промени во движењето.

Чии биле бродовите?

„Челзи 3“ е брод во украинска сопственост, регистриран во Одеса, кој пловел под знамето на Малта. Ова го потврдил и бугарскиот премиер Румен Радев. На бродот имало 7 Украинци и 8 Азербејџанци. Сите 15 се спасени, а петмина добиле медицинска помош поради полесни повреди.

За „Азов Конкорд“ информациите се помалку усогласени. Дел од бугарските извори го опишуваат како брод во турска сопственост, но наведуваат различни држави на регистрација.

„Челзи 3“, кој пловел под малтешко знаме, испловил од турскиот град Гиресун на 10 октомври. Во 23:13 часот нагло го променил курсот, а петнаесетина минути подоцна почнал да забавува и неправилно да се движи.

Потоа изгледало дека бродот плови неконтролирано.

Бугарскиот патролен брод „Бургас“ се приближил до неговата локација околу 1:45 часот по полноќ. Подоцна, околу 9:30 часот, пристигнал и бугарски воен брод, кој кружел околу погодениот товарен брод.

Слична драма се одвивала и со „Азов Конкорд“, кој пловел под знамето на Свети Винсент и Гренадини.

Бродот испловил од романскиот град Галац на 12 октомври. Непосредно по четири часот наутро направил ненадеен маневар, изгубил брзина и почнал да се движи непредвидливо.

Подоцна кон него се упатил и бугарскиот патролен брод „Бургас“.

Податоците за движењето не го утврдуваат точниот момент на ударите со дронови, но покажуваат кога двата брода почнале да имаат проблеми со пловидбата.

„Азов Конкорд“ потонал во близина на бугарскиот брег, кај Крапец. Петмина членови на екипажот биле спасени, додека 11 сè уште се водат како исчезнати. „Челзи 3“, според бугарските власти, бил нападнат со 3 беспилотни летала.

Бугарија нема докази дека Русија стои зад двата напади

По разговорот со руската амбасадорка, Радев соопштил дека Бугарија нема докази за потеклото на дроновите.

Сепак, тој оценил дека нема логика Украина да ги уништува сопствените бродови во Црното Море. Според него, последиците од нападите ѝ одат во прилог на Русија.

Москва засега не ги коментираше инцидентите.

Ова е втор случај на потонување товарен брод по напад со дрон во близина на Бугарија за само една недела.

При претходниот напад исчезнале девет сириски и еден египетски морнар. Истата ноќ бил погоден уште еден брод, но неговиот екипаж бил спасен.

Според досега објавените информации, во двата инцидента за една недела исчезнале вкупно 21 морнар.

Претходниот напад се случил на 6 октомври, кога два трговски брода биле погодени со дронови во бугарската ексклузивна економска зона во Црното Море. Едниот потонал, а десет морнари исчезнале. Вториот брод бил оштетен, но неговиот екипаж бил спасен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште истата вечер директно ја обвини Русија.

Радев, меѓутоа, зазеде повнимателен став. Бугарскиот премиер на 7 октомври изјави дека, според товарот и правецот на движење на бродовите, логиката упатува кон Русија, но нагласи дека тоа е само хипотеза.

Поврзани содржини