ВКЛУЧЕНА СТРУЈАТА ВО БИБЛИОТЕКАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ Град Скопје префрлил пари, ЕВН веднаш го вклучил копчето

Библиотеката имаше една неплатена сметка за електрична енергија и три сметки за дистрибуција на струја. Ние како Јавна установа средствата за режиски трошоци ги добиваме од Град Скопје, вели директорката на Библиотеката Снежана Стојчевска.

173

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје од утрово повторно има електрична енергија, откако во текот на вчерашниот ден екипи на ЕВН Македонија им ја исклучија струјата поради неплатени сметки.

Оваа информација во телефонски разговор за Плусинфо ја потврди Снежана Стојчевска, директорка на Библиотеката, чиј основач е Град Скопје, а потврда стаса и од ЕВН Македонија.






– Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје и дел од нејзините клонови денеска повторно имаат струја, откако вчера ни беше исклучена од страна на ЕВН. Библиотеката имаше една неплатена сметка за електрична енергија и три сметки за дистрибуција на струја. Ние како Јавна установа средствата за режиски трошоци ги добиваме од Град Скопје. Веднаш ги информиравме во Градот, бидејќи не ни беа префрлени средствата за изминатиот месец, но оттаму веднаш реагираа и утринава имама електрична енергија, како во Библиотеката, така и во сите клонови – ни изјави во телефонски разговор директорката Стојчевска.

И од ЕВН Македонија за Плусинфо нè информираа дека во текот на вчерашниот ден имале интервенција за исклучување на градската библиотека „Браќа Миладиновци“, но струјата била приклучена веднаш штом сметките биле исплатени.

– Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ вчера беше исклучена поради неплатени фактури, но уште истиот ден фактурите беа платени и корисникот веднаш беше повторно приклучен – велат од ЕВН за Плусинфо.

Ова не е прв пат Град Скопје да изуми да префрли средства за режиски трошоци на оваа установа. Како што е веќе познато, откако Стојчевска е поставена за директорка (од април 2022), дури три пати Градската библиотека останува без електрична енергија поради тоа што Градот навреме не им префрла пари за плаќање на трошоците.

Поврзани содржини