МАКЕДОНИЈА ГО ПРЕГАЗИ ЛУКСЕМБУРГ СО 18 ГОЛА РАЗЛИКА Горига ја испеа химната и дебитираше со три гола
Ракометарите на Кирил Лазаров ги почнаа квалификациите за Европското првенство во 2028 година со убедлива победа од 41:23. Следниот предизвик е гостувањето кај Грција во недела.
Македонската ракометна репрезентација го совлада Луксембург со убедливи 41:23 (20:10) на стартот од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров доминираа од првата минута, а натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го одбележа и дебито на Дмитро Горига, кој ја испеа македонската химна и постигна три гола.
Македонија го отвори натпреварот со водство од 9:1, додека Луксембург го постигна вториот гол дури во средината на првото полувреме. Во 22. минута предноста првпат стана двоцифрена, 13:3, а на паузата македонските ракометари заминаа со 20:10.
Горига, поранешен украински репрезентативец кој сега настапува за Македонија, влезе во игра во 18. минута и беше пречекан со скандирање на неговото име. Две минути подоцна го постигна првиот гол во македонскиот дрес.
Пред почетокот на натпреварот, Горига ја испеа македонската химна, исполнувајќи го ветувањето што неодамна го даде во јавноста.
Најефикасен во македонскиот состав беше Костески со шест гола, додека Петковски и Серафимов постигнаа по пет. Голманот Мартин Томовски забележа 13 одбрани.
Ниту во второто полувреме Луксембург не успеа да го загрози водството. Македонија во 49. минута имаше предност од 32:18, а Лазаров ја искористи убедливата разлика за да им даде можност за настап на сите ракометари.
Околу 3.000 гледачи ја проследија седмата победа на Македонија во меѓусебните дуели со Луксембург.
Следниот натпревар македонската репрезентација ќе го одигра во недела, на гостински терен против Грција.