МАКЕДОНСКИОТ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ ДОБИВА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ Повеќе од половина од членките на МОК бараат смена на Даниел Димевски
Во МОК е доставено барањето за свикување вонредно собрание, а зад иницијативата за смена на Даниел Димевски се потпишани 26 федерации и 5 индивидуални членови на Собранието на МОК со право на глас.
Македонскиот олимписки комитет наскоро треба да добие нов претседател, откако повеќе од половина од членките на МОК потпишаа петиција со која бараат смена на актуелниот претседател Даниел Димевски.
Во МОК е доставено барањето за свикување вонредно собрание, а зад иницијативата за смена на Даниел Димевски се потпишани 26 федерации и 5 индивидуални членови на Собранието на МОК со право на глас.
Како точки на дневен ред се разрешување на Даниел Димевски, избор на нов претседател на МОК, разрешување на актуелниот и избор на нов состав на Управниот одбор.
Даниел Димевски беше именува за претседател на МОК во октомври 2020 кога го наследи Васил Тупурковски. Тој има петгодишен мандат, но изминатиов период често беа изнесувани критики и незадоволство од неговата работа. Пред да стане претседател на највисоката спортска организација, Димевски беше советник за спорт во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев и иницијатор за воведување на спорниот „ваучер систем“ за кој во Јавното обвинителство сега е отворен процес во кој се испитуваат случаи на злоупотреба на државните пари наменети за спортот.
Кандидатура за нов претседател на МОК најави поранешниот пливач и претседател на Пливачката федерација на Северна Македонија, Александар Маленко, а како потенцијален кандидат за нов претседател на МОК неофицијално се споменува и актуелниот претседател на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.