АМЕРИКАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ОПЕРИРАН ОД РАК Белата куќа не знаела за болеста
Никој во Белата куќа до утрово не знаеше дека секретарот Остин има рак на простата. А, претседателот беше информиран веднаш потоа - изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин неодамна беше опериран од рак на простата, а подоцна беше хоспитализиран за лекување на инфекција на уринарниот тракт поврзана со операцијата, изјавија во вторникот неговите лекари. Белата куќа не била информирана за болеста и за хоспитализацијата на првиот човек на одбраната.
Тоа ги зголеми прашањата за одговорност, бидејќи претседателот Џо Бајден дознал за дијагнозата во вторникот, иако таа била поставена пред околу еден месец.
– Никој во Белата куќа до утрово не знаеше дека секретарот Остин има рак на простата. А, претседателот беше информиран веднаш потоа – изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Остин разговарал со Бајден во саботата, истиот ден кога тој издаде соопштение во кое вели дека можел подобро да постапи и да ја извести јавноста дека бил во болница, но во тој телефонски разговор не му кажал на претседателот дека има рак.
Остин (70) бил примен во Националниот воен медицински центар Волтер Рид на 22 декември и бил опериран за отстранување на ракот. Една недела подоцна добил инфекција. На Бајден и на другите високи претставници на администрацијата со денови не им било кажано за неговата хоспитализација или за болеста.
Според лекарите, ракот бил откриен кога Остин имал редовен општ преглед на почетокот на декември. Тие рекоа дека тој „претпрел минимално инвазивна хируршка процедура“ и отишол дома следниот ден. Но, на 1 јануари пријавил мачнина и силни болки од инфекцијата и се вратил во болница. Лекарите велат дека болеста била откриена во рана фаза и прогнозите за негово излекување се позитивни.
Но, нетранспарентност околу хоспитализацијата на Остин, вклучително и пропустот да се крие тоа со денови од Бајден и од другите високи функционери во Белата куќа, предизвика остри критики во САД.
Неколку опозициски републикански пратеници дури рекоа дека Остин треба да биде сменет.
Сè уште не е јасно како болеста ќе влијае на работата и патувањата на Остин.