И ДЕМОКРАТСКИ СOЈУЗ ПРЕДЛАГА ДА СЕ ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ Граѓаните чекаат и по два дена за замена на документите
Демократскиот сојуз предлага Владата да предложи измена на законите со кои ќе се продолжи рокот за замена на личните документи (лични карти, возачки дозволи и пасоши) до крајот на оваа гoдина.
Замената на лични документи е согласно Договорот потпишан во Преспа, помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како и доволен кадровски потенцијал, за до почетокот на февруари, да се заврши оваа операција.
„Овој состав на Владата или Техничката Влада, треба да ги подготви законските измени, по што Парламентот по итна постапка да ги донесе. Евентуалните отворени прашања со Грција треба дa се разрешат по дипломатски пат. Пред шалтерите на МВР се создаваат огромни и неподносливи гужви, каде граѓаните чекаат во колони и по два дена за замена на документите“, се додава во соопштението на Демократскиот сојуз.
Претседателот Стево Пендаровски синоќа во интервју на ТВ Сител предложи да се продолжи рокот за издавање на личните документи до септември-октомври годинава.