ЗГОРА НА ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА ЌЕ СЕ „КОЛЕ“ И СО „ДАНОК НА ЛУКСУЗ“ Парите од новата давачка се наменети за одржување на мрежата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски појасни дека од собраните пари од оваа ставка ќе се финансира одржувањето на мрежата и нема да биде приход на „Електродистрибуција“, но .ВМРО-ДПМНЕ проценува дека „пристапот на мрежа“ може да значат 30 милиони евра повеќе трошоци за граѓаните годишно,

1,170

Новиот таканаречен „данок на луксуз“ или надоместок за „пристап на мрежа“, кој се воведува по Нова година, ги загрижи граѓаните дека сметките на струја ќе им бидат повисоки, заедно со новото покачување на цената на струјата. Од Регулаторната комисија велат дека овој надоместок не ги засега граѓаните кои вообичаено трошат струја, туку е наменета за луѓето кои поседуваат викендички, повеќе станови, имаат сопствено производство на струја или се иселени, а нивните објекти не ги користи никој. Експерти, пак, тврдат дека ова е уште еден начин државата да прибере пари од граѓаните, наместо да бара компаниите да ги намалат трошоците. Сличен став има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Регулаторната комисија, како што беше речено на денешната прес-конференција, ја воведува оваа ставка во сметките за струја главно поради праведност за граѓаните и размислува дали новата ставка во сметките за струја да изнесува 50, 150 или 250 денари. Колкав ќе биде износот ќе зависи од другите параметри при формирањето на новата цена на струјата која ќе се применува од 1 јануари. Регулаторите, меѓутоа, денеска не кажаа колкав износ  се очекува да се собере од новиот надоместок.






– Со оваа давачка се придонесува прво за поправична распределба на трошоците за одржување на мрежата. Сите да плаќаат соодветно и, второ, привилегираните потрошувачи, кои поседуваат викендички или не трошат струја, ќе плаќаат за тоа што Електродистрибуција троши за одржување на мрежата за да им ја донесе струјата до објектите. За околу 240.000 мерни места кои не трошат струја или трошат малку, Електродистрибуција обезбедува струја и има трошоци за одржување на мрежата. Практично, тоа значи дека најголем број потрошувачи ќе добијат пониски сметки за мрежарина, додека оние кои користат викендички ќе плаќаат за пристап до мрежа. Со оваа реформа ќе се заокружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици – рекоа на прес-конференцијата.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски појасни дека од собраните пари од оваа ставка ќе се финансира одржувањето на мрежата и нема да биде приход на „Електродистрибуција“.

– Никој нема да заработува пари од она што како цена ќе го определи РКЕ. Надоместокот ќе значи намалување на цената на мрежарината – нагласи Бислимоски, апелирајќи да не се подлегнува на шпекулации.

Енергетски експерти, пак, велат дека ова е незаконска и измислена давачка со која ќе се покриваат загубите на енергетските компании, наместо да се бара тие да ги намалат трошоците.

– Ова може да се протолкува само како уште еден начин државата да дојде до пари. Иако не се планира да биде висока оваа давачка сепак таа ќе ја плаќа народот. Секој стан или куќа која се приклучува на електричната мрежа плаќа, не е мал износ, порано беше до 500 евра зависно од приклучокот, а сега не знам дали е променет. Тоа значи дека еднаш веќе е платено за тоа. Сега се воведува како посебна ставка. Таа е мала и наменета за одредена категорија на потрошувачи и кај оние што ќе трошат струја ќе им се одбива од мрежарината, но да бидеме јасни, луѓето веќе не веруваат на ништо, па ја доживуваат оваа давачка како удар врз сопствениот џеб – вели професорот Ристо Цицонков.

Од Регулаторната комисија велат дека не може да се поистоветува надоместокот за приклучок на мрежа со надоместокот за „пристапот на мрежа“.

– Сите ние плаќаме приклучок 350 од 500 евра, тоа е само за поврзување на мрежата, а покрај тоа Електродистрибуција има трошоци за одржување. Поврзувањето на мрежа не може да ги покрие оперативните трошоци на електродистрибуција. Парите за приклучок се за да се направи приклучок, а не за да се обезбеди електрична енергија. Вие можете да не користите струја, но имате право да користите. Тоа право да го остварите треба да се одржува мрежата, кој ќе ги покрие тие пари? Треба останатите да платат – појаснија од Регулаторна.

Ова е измислена давачка која не е утврдена со закон. Со неа се сака да се покријат неплатените сметки за струја во одделни региони кои се толерираат поради политички причини.

Маријан Ненов НВО „Но-пасаран“

Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“ новата давачка ја гледа како нов данок на граѓаните кои треба да ги покријат сметките на оние кои не плаќаат струја и да ја надоместат загубата од повисоката цена на гасот во приватната компанија „Те-то“.

– Ова е измислена давачка која не е утврдена со закон. Со неа се сака да се покријат неплатените сметки за струја во одделни региони кои се толерираат поради политички причини, односно се привилегираат гласачите на одредена партија, кои редовно одбегнуваат да плаќаат струја и треба да се покријат загубите на приватната компанија „Те-то“ предизвикани од повисоката цена на гасот. Во оваа централа, да потсетам, исто така политичари и бизнис моќници имаат удели. На овој начина овие трошоците треба да ги плати некој, а тоа е народот – вели Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“.

Од Регулаторната комсија додаваат дека и други компании, како банки, телекомуникациски компании и слично, наплаќаат различни надоместоци, а сличен надоместок имало и во поранешна Југославија наречен „сијалично место“ кој се плаќал во периодот на мала потрошувачка на струја и кога имало високи трошоци за одржување на мрежата.

Според експертите, споредбата на цената на струјата и давачките во регионот покажуваат дека  никаде дистрибутивната цена не е така висок процент во вкупната цена. Односно производствената цена треба да биде најголема и преносната мрежа да биде поголема од сегашната, а дистрибутивната да биде помала. Сега, со оваа давачка, таа дистрибутивна цена ќе биде уште поголема.

Бугарија ја укинува таксата на гас, сега со што се правда поскапувањето и новата давачка?

Реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која смета дека оваа давачка ќе значи повисоки трошоци на граѓаните.

– Граѓаните со право се загрижени, бидејќи функционерите  на власта на ДУИ и СДС веќе најавуваат воведување нови такси во сметките кои, според процените, може да значат 30 милиони евра повеќе трошоци за граѓаните годишно, но и проширување на тарифните групи 3 и 4 кои се најскапи и со што би се направило прикриено поскапување на електричната енергија. Народот е доведен до питачки стап и секое поскапување на електричната енергија дополнително ќе ја зголемува сиромаштијата, која веќе според процените ги опфаќа речиси 600 илјади граѓани – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека веќе не важи и најавата на премиерот Димитар Ковачевски за оправданоста за поскапување на струјата откако Бугарија најави дека ќе ја укине таксата за руски гас.

– Димитар Ковачевски на 1. ноември говореше дека поскапувањето на струјата за домаќинствата во Македонија ќе биде резултат на таксата која ја воведува Бугарија за транзитот на гас. Сега, кога Бугарија ја укинува оваа такса, се поставува прашањето на кој дополнителен трошок ќе го темелат поскапувањето кое веќе го најавува и самиот Бислимовски – велат од партијата.

 

Поврзани содржини