„ВЕ ОХРАБРУВАМ ДА ПРОДОЛЖИТЕ НА ПАТОТ КОН ЕУ“ Жозеп Борел ветува силна поддршка за македонските евроинтеграции

Ве охрабрувам да продолжите со вашата работа да добиете полноправно членство, а истовремено да ги искористите предностите на Планот за раст - рече потпретседателот на Европската комисија Жозеп Борел по средбата со Ковачевски.

267

Уставните измени се клучни за напредокот на Северна Македонија во ЕУ и истите треба што побрзо да се усвојат – рече високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел на билатералната средба со премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на одржувањето на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, извести владината прес-служба.

Веднаш по билатералната средба Ковачевски и Борел одржаа и заедничка прес конференција.






– Ја имате целосна наша поддршка. Ќе останам на ваша страна, на страната на Северна Македонија, на нејзината Влада, ќе ве придржуваме кон патот на напредокот, кон крајната цел што е членство во ЕУ. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. Тоа е заедница на вредности, не само заедница на интереси. Ве охрабрувам да продолжите со вашата работа да добиете полноправно членство, а истовремено да ги искористите предностите на Планот за раст – рече Борел.

Премиерот Ковачевски нагласи дека граѓаните на Северна Македонија не заслужуваат и не сакаат статус-кво и не заслужуваат повторно изолација каква што гледавме 11 години.

– Ние двајца јасно се согласуваме дека нашата ЕУ-интеграција мора да продолжи. Тоа е процес кој е почнат и нема да застане се до полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што нашите граѓани заслужуваат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, заслужуваат идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија“, истакна на конференцијата за медиумите премиерот Кобачевски.

На средбата со Ковачевски Борел го поздравил успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодарил што Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унијата. Воедно, Борел ја поздравил и непоколебливата поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски на средбата со високиот претставник на ЕУ изразил благодарност за силната поддршка на Европската Унија и уверување дека со новиот План за раст за Западен Балкан, Унијата ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија.

 

 

Поврзани содржини