МАКЕДОНСКИТЕ ВИНА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ НА САЕМОТ „ВИНСКА ВИЗИЈА НА ОТВОРЕН БАЛКАН“  Признанија за винариите „Тиквеш“ и „Камник“

Во категоријата национален трофеј на Отворен Балкан, за најдобро вино од  Македонија беше прогласено виното „каберне совињон 2022“ од винаријата „Шато Камник“, а во категоријата за најдобро вино од автохтона сорта како најдобро беше прогласено виното „жилавка бела вода 2022“ од винаријата „Тиквеш“.

346

Македонските винарии „Тиквеш“ и „Камник“ се меѓу наградените на Вториот саем „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград.

Српската премиерка Ана Брнабиќ, вечерва, на третиот ден од Вториот саем „Винска визија на Отворен Балкан“, ги додели трофејните награди за најдобри вина на саемот, меѓу кои се и наградите за македонските винарии, јави дописникот на МИА од Белград.






Меѓу наградените во повеќе категории, а по одлука на меѓународно стручно жири кое оценуваше над 800 примероци вина, во категоријата национален трофеј на Отворен Балкан, за најдобро вино од  Македонија беше прогласено виното „каберне совињон 2022“ од винаријата „Шато Камник“.

Во категоријата за најдобро вино од автохтона сорта како најдобро беше прогласено виното „жилавка бела вода 2022“ од винаријата „Тиквеш“.

– Ова е втор пат да ја споделуваме визијата за Отворен Балкан, а ако е вистина дека има вистина во виното, ова е показател дека можеме да ја споделиме истата визија и да се движиме во иднината – рече Брнабиќ на доделувањето на наградите.

Саемот „Винска визија“ на Отворен Балкан што се одржува под покровителство на владите на Србија,  Македонија и Албанија, собра околу 600 изложувачи од 24 земји од светот. Половина од изложувачите беа од земјите на Отворен Балкан, од кои 260 од Србија, 74 од Македонија и 21 од Албанија.

Саемот го отворија српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а премиерот на Албанија, Еди Рама се обрати преку видео врска.

Саемот за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ важи за четврти по големина во Европа.

Поврзани содржини