Мантрата на скратени патишта во ЕУ
„Егзит“ (излез), или прием на нови членки? Дебатата, во поширок европски контекст, за тоа која се залага, а кој се противи на натамошното продлабочување на евринтеграциите, ќе продолжи со многу неизвености. Сепак, едно нешто, се чини, е повеќе од сигурно. За очекување е дека и понатаму папагалски ќе се повторува дека нема попречни патишта до членството во ЕУ, без да се завршат домашните задачи. Без оглед колку тоа да звучи здодевно.
Нема скратени патишта за влез во ЕУ, секој ќе треба да си ја заврши домашната задача. Ова веќе стана здодевна мантра што сѐ почесто се повторува од разни позиции во ЕУ. Не само од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, туку и од речиси сите позначајни западни ЕУ-членки. Тешко дека некој во последните години пропуштил да го слушне тоа.
Проширувањето на ЕУ мора да се комбинира со барања за неопходни реформи во земјите кандидати, беше речено деновиве во Шведскиот парламент-Риксдаг.
„Тука нема попречни патишта“, нагласи премиерот Улф Кристерсон, потенцирајќи дека принципите на владеење на правото мора да се бранат и да важат и за новите и за старите членки.
Но работите со европските интеграции, се разбира, не се толку едноставни. Ниту, пак, свечени говори за величање на принципите на владеење на правото се доволни за да се дојде до посакуваните решенија.
Во својот говор шведскиот премиер зборуваше дека ЕУ ја шири демократијата и владеењето на правото кога се зачленуваат и воведуваат во европското семејство нови земји-членки и дека затоа мора бескомпромисно да се продолжи со таквите заложби. Но проблемот, всушност, е во тоа што во некои од тие земји демократијата се повеќе попушта, а воедно и сѐ помалку може да се третираат како правни држави.
Во секој случај, тие земји сега се членки на ЕУ со право на глас и вето, и право да ги користат средствата од европските фондови, но едновремено ги забавуваат мерките и акциите што ЕУ, меѓу другото, ги презема против против Русија. Како ЕУ ќе се справи со тој проблем?
Проширувањето кон Исток од пред две децении донесе низа проблеми со кои ЕУ сè уште се бори. Бугарија и Романија, кои станаа членки по најкраткиот можен попречен пат, и понатаму се длабоко корумпирани општества, а Унгарија, под водство на Виктор Орбан, е токму една од членките на ЕУ за која постојат сфаќања дека е на пат да стане Тројански коњ, кој се обидува да „балансира“ во полза на интересите на Кремљ во Брисел.
Од друга страна, неминовно е да се зборува и за позитивните искуства. Развојот во прибалтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија, покажув дека поранешните источни земји можат успешно да се интегрираат во ЕУ.
Но, само затоа што натамошното проширување на ЕУ добива се поголема поддршка, не значи дека ќе биде лесно. Напротив, тоа веројатно ќе биде најтешкиот тест за европската соработка по мошне долг период, означен како мирување поради „замор од проширувањето“.
Следното проширување најверојатно ќе биде покомплицирано од претходните. Ако Украина и Молдавија бидат примени, ЕУ ќе мора значително повеќе да се ангажира во одбранбената и безбедносната политика. Дополнително, финансиските обврски во голем обем ќе пораснат. Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан се значително посиромашни од просекот на ЕУ. Покрај тоа, Украина има огромен земјоделски сектор кој ќе проголта големи делови од неефикасниот земјоделски буџет на ЕУ. Запчаникот на преговорите околу овие прашања меѓу ЕУ-членките веќе сега е поприлично зарибан.
Преговорите околу потребата да се зголеми ЕУ-буџетот, за воопшто да биде можно наредното проширување, се уште се водат со матни перспективи. Затоа многумина сметаат, посебно во богатите членки што даваат нето-придонес во европскиот буџет, дека е најдобро да се остане отворен и за можноста ЕУ да се развива со повеќе брзини. Тоа би можело да биде и добра алтернатива во ситуација кога моќните земји-членки се залагаат за пофедерална ЕУ, без национални вета за „кочење“ и уценување.
Но дебатата околу големата европска слика, околу групниот европски портрет со дамата (Брисел), станува уште покомплицирана кога ќе се прекрши на пониски, национални нивоа. Во споменатата Шведска, на пример, актуелната десно-центристичка влада повторно почна да зборува дека „шведските национални интереси во основа можат да се заштитат само преку ЕУ“. „Без ЕУ, подвлече шведскиот премиер, никогаш нема да се справиме со организираниот криминал. со климатската политика, мигрантските бранови, а мора да признаеме и дека ЕУ е суштината на интернационализацијата на шведската индустрија“.
Ова, се разбира, би звучело многу повеќе охрабрувачки, доколку не би постоеле евидентни и сериозни пукнатини во однос на поглодот кон улогата на ЕУ и продлабочувањето на европските интеграции меѓу актуелната шведска коалициска влада и партијата на екстремно-десничарската партија Шведски демократи, без чија поддршка владата не би можела да обезбеди мнозинство во Парламентот.
Пред извесно време лидерот на Шведските демократи, Џими Окесон, изјави дека е време да се превреднува шведското ЕУ-членство и едновремено оцени дека ЕУ е на пат да стане „лудачка кошула“ за Шведска. Тој, всушност, го зборува токму спротивното од она што го тврди премиерот. „Шведска, вели Окесон, треба да ги стави шведските интереси на прво место. Имаме големи проблеми во нашите граници, на кои треба да го посветиме нашето неподелено внимание. Треба да го промениме нашиот пристап кон ЕУ и да престанеме да бидеме толку наивни во поглед на европската соработка“.
Опозицијата тоа веднаш го нарече „прикриена дебата за Свегзит“, или можеби не толку прикриена, бидејќи младинскиот сојуз на Шведските демократи веќе отворено почна да притиска за „Свегзит“. И тоа уште пред Шведска да биде примена како полноправа членка на НАТО. Каков сигнал, прашува опозицијата, се испраќа со ова до Русија?
„Егзит“ (излез), или прием на нови членки? Дебатата, во поширок европски контекст, за тоа која се залага, а кој се противи на натамошното продлабочување на евринтеграциите, ќе продолжи со многу неизвености. Сепак, едно нешто, се чини, е повеќе од сигурно. За очекување е дека и понатаму папагалски ќе се повторува дека нема попречни патишта до членството во ЕУ, без да се завршат домашните задачи. Без оглед колку тоа да звучи здодевно.
Но прашање кога воопшто за Западен Балкан постоеле некакви скратени патишта? Затоа е можеби пожелно повторно да се повикаме на зборовите на германскиот канцелар Шолц, дека досегашниот однос на ЕУ кон земјите на Западен Балкан може да се окарактеризира пред се како „дведецениски неисполнети ветувања“. Тој „скратен пат“ всушност веќе одамна се претвори, доколку се инспирираме од зборовите на Шолц, во неуморно бавтање на аспирантите од Западен Балкан наваму-натаму, во насока за која се уште никако да се воспостави вистински курс на движење.