РАДОИЧИЌ ПРИЗНА „Сам ги организирав настаните во Бањска, не го известив Белград“
Радоичиќ не сака дополнително да ѝ наштети на Српската листа, рекол Вучиќ за шпанската национална телевизија.
Поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово, се вели во изјавата што за медиумите ја прочита неговиот адвокат Горан Петронијевиќ, јавува Н1.
Радоичиќ изјавил и дека Србите на Косово во неколку наврати се повлекувале без да постигнат видлив резултат, што, според неговото толкување, приштинската страна не го сфатила како добра волја и создавање предуслови за преговори, туку како слабост.
На прашањето на новинарот Н1 дали знае каде е Милан Радоичиќ, и зошто се крие од јавноста, Петронијевиќ рече дека Радоичиќ не се крие.
„Можеби знам, можеби не знам (каде е). Јас сум адвокат, ме штити адвокатската тајна“, рече Петронијевиќ и додаде дека информациите за тоа каде се наоѓа неговиот клиент се прашање и на неговата безбедност.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за шпанската национална телевизија ТВ Еспањола изјави дека потпретседателот на Српската листа Милан Радоичиќ поднел оставка од таа функција.
– Радоичиќ не сака дополнително да ѝ наштети на Српската листа – рекол Вучиќ.
Тој истакнал дека Српската листа ја гледа како борци за слобода и дека сите Срби кои живеат на Косово и Метохија го мислат истото.
Во интервју за шпанската национална телевизија, Вучиќ ја опишал ситуацијата во Косово како загрижувачка.
– Не знам дали тоа што се случи беше пресвртница. Многу сум загрижен, бидејќи знам колку се агресивни Албин Курти и Вјоса Османи. Особено кога веруваат дека имаат голема поддршка од дел од меѓународната заедница, а тоа ме загрижува и плаши – изјави Вучиќ.
Властите во Приштина го поврзаа Милан Радоичиќ со пукањето во Бањска. Косовската полиција денеска изврши претрес во зградата во која живее.
Радоичиќ е на „црната листа“ на САД и му е забранет влез и бизнис во таа земја. Тој беше ставен на листата поради наводни врски со транснационалниот организиран криминал.