ГЕРМАНЦИТЕ СЕ СПАСИЈА ОД БИТОЛСКИОТ ПЕКОЛ Искусните ракометари на Кил ја донесоа победата над Еурофарм Пелистер

Пред сѐ, честитки за Еурофарм Пелистер за феноменалната борба. Беа вистински, а и оваа публика е неверојатна, ги водеше и држеше играчите цели 60 минути. Јас првпат сум тука и уживав на теренот, рече хрватската легенда Дувњак.

295

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер пропушти шанса да го изненади германскиот првак Кил кој благодарение на искуството вечерва во Битола победи со 23:20. За битолчани ова беше трет пораз на исто толку средби во елитното натпреварување.

Домашниот тим поттикнат од петилјадна публика во најголем дел од средбата беше рамноправен противник со фаворитот, до 49 минута резултатот беше израмнет 16:16 и 19:19, но на крајот Кил успеа да победи.






– Прво сакам да се заблагодарам на нашата верна публика, која што нè бодреше во текот на целиот натпревар, а воедно да им го честитам роденденот на „Чкембари“, која е најдобрата ракометна навивачка група во целиот свет. Се покажавме во одлично светло и тоа против, според мене, најдобриот тим во Европа. Мислам дека париравме во текот на сите шеесет минути, ни се пружи шанса за бод или победа, но не успеавме. Тоа се должи на нашето неискуство. Имавме промашени зицери и технички грешки во финишот и тоа ѕвездиете на Кил го казнија. Од овој натпревар ќе добиеме поголема самодоверба и пак ќе нагласам дека нашиот пријател ќе биде времето. Ние сме нова екипа и на сите ни треба време за подобро да се запознаеме и да направиме нова прекрасна приказна во Битола – изјави по натпреварот, тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ.

Во отсуство на првиот тренер Филип Јиха, кој го загубил гласот за време на натпреварот, на официјалната прес-конференција свое видување даде неговиот асистент Виктор Силаџи.

– Прво сакам да се заблагодарам за честитките. Извинете што Јиха не е тука, тој е болен и го загуби гласот за време на натпреварот. Одушевен сум, атмосферата беше фантастична, освоивме важни два бода кои беа наша цел уште пред да дојдеме тука. Тежок напревар уште од самиот почеток. Направивме многу грешки и дозволивме противикот да биде близу до нас речиси во текот на целиот натпревар. На крај пресуди нашето искуство. Драго ми е за голманот Самир Беласен, кој дојде пред десетина дена и одигра добар натпревар – рече Силаџи.

Хрватската ракометна ѕвезда Домагој Дувњак за првпат имаше шанса да игра во Битолa, а играчот беше импресиониран од атмосферата.

– Пред сѐ, честитки за Еурофарм Пелистер за феноменалната борба. Беа вистински, а и оваа публика е неверојатна, ги водеше и држеше играчите цели 60 минути. Јас првпат сум тука и уживав на теренот. Победи нашето искуство, можеби тука и нашата одбрана имаше удел, ама Пелистер е млада екипа и ваквите натпревари добро ќе дојдат за иднината. Им посакувам се најдобро – изјави Дувњак по натпреварот.

Најефикасни во тимот на битолчани вечерва беа Радивојевиќ со 5 и Цехте со 4 голови, но најдобар впечаток остави голманот Калифа Гедбане, додека кај гостите Екберг и Елефсен постигнаа по 5 голови за успех на гостувањето на како што рекоа „жешкиот терен“ во Битола.

Следен предизвик за „зелено-белите“ ќе биде гостување во Париз, кај моќниот ПСЖ. Овој натпревар се игра на 12 октомври.

Поврзани содржини