ЕУ со различни брзини како развоен концепт, кој веќе подолго време го заговара францускиот претседател Макрон, е проследен со жолчни дебати. Но, за разлика од толкувањата со кои се прави невешт обид ова прашање да се стави во поинаков контекст, каков што е случајот со тврдењето на премиерот Ковачевски дека станува збор за модел што ќе овозможи побрзо зачленување на земјите кандидатки што успешно ќе ги спроведат реформите, во голем број ЕУ-членки, пред сѐ, во источноевропските, се предупредува дека продлабочувањето на таквите заложби би значело повторна поделба на Европа на Исток и Запад.
ЕУ-брзиномерот предизвикува фрустрации посебно во однос на членките во Источна Европа. Брзината со кои овие земји пристапуваат кон решавање на сопствените реформски задачи, како и во однос на нивниот хроничен недостиг на политичка волја да изразат поддршка и да ги прифатат заложбите за солидарност во изнаоѓањето функционални решенија на ниво на целата ЕУ, е загрижувачка и постојано изложена на критики.
Полска, на пример, и понатаму цврсто се спротивставува на заедничките квоти за прием на бегалци во сите членки на ЕУ, без исклучок, иако, според најновите податоци на централно биро за статистика, ризикува да изгуби една третина од сопственото работноспособно население до 2060-та година, доколку не ги отвори границите за прием на мигрантска работна сила од земји надвор од Источна Европа, односно од азиските, блискоисточните и африканските земји.
За Бугарија, и Романија, пред приемот во ЕУ, како главен услов за полноправно членство беше ефективизирањето на борбата против корупцијата и организираниот криминал. Но, и покрај фактот што помина повеќе од деценија и пол од влезот во ЕУ, многумина сметаат дека Бугарија во основа е исто толку корумпирана како и во периодот на пристапните преговори за членство. Европскиот брзиномер тука очигледно застанал, бидејќи некој постојано силно ја влече рачната кочница.
Понекогаш тоа се објаснува со ниските плати во Бугарија, кои се и најниски во ЕУ. Но, уште повеќе се објаснува и со фактот дека водечките политичари во Софија не се многу заинтересирани сериозно да се заложат и да направат нешто во врска со ова прашање. Сѐ уште се свежи впечатоците од објавените снимки во медиумите и на социјалните мрежи, на кои се гледа поранешниот бугарски премиер Борисов, како спие покрај пиштол ставен во наткасна преполна со евра. Борисов не падна од власт поради таквиот, и низа други сериозни коруптивни скандали. Каков би бил епилогот доколку такви снимки би биле објавени во некојa ЕУ-членка во Западна Европа? Не брзината, туку спороста на борбата против корупцијата и криминалот во Бугарија и понатаму е мошне загрижувачка.
ЕУ со различни брзини е нешто за што често се предупредува во земји како Бугарија или Романија, и во други источноевропски членки. Критичарите сметаат дека последица на тоа би било како повторно да се подели Европа на источна и западна. Иако далеку помалку се зборува дека е неопходно сериозно и принципиелно да се следат и почитуваат заедничките правила и критериуми, кои се основниот услов за да може постепено да се изедначуваат различните брзини на развојот во рамки на ЕУ. А не, како што Макрон повторно инсистира, да се работи на издвојување на група членки кои се поподготвени од другите да продолжат поинтензивно во продлабочувањето на европските интеграции. Значи, за забрзување на реформите станува збор, а не да се забрза, – по секоја цена, – приемот на нови членки.
Полска е една од земјите-членки кои силно се спротивставуваат на концептот со различни брзини, бидејќи стравува дека на таков начин ќе заостане во развојот и ќе ја изгуби енормната финансиска ЕУ-поддршка и грантовите што ги добива денес.
Суштината на дискусијата произлегува од различните визии кои беа актуелизирани за тоа како ЕУ треба да се менува и да се развива по излегувањето на Велика Британија, Брегзит. Основното прашање е како ЕУ ќе стане поефикасна и ќе покаже поголема корист за граѓаните. Токму затоа некои земји сметаат, посебно најмоќните во ЕУ, дека мора да им се дозволи побрзо да ја развиваат соработката во однос на подрачја што претставуваат заеднички интерес. „Подобро е да имаме ЕУ со различни брзини, отколку да немаме никаква брзина“, изјави поранешниот луксембуршки премиер Ксавиер Бетел, по повод објавувањето на „Белата книга за развојот на ЕУ“ во 2017 година.
Поранешниот лидер на германските социјалдемократи, Мартин Шулц, во „различните брзини“ гледаше и еден пофедералистички пристап. Шулц, кој беше и претседател на Европскиот парламент, заговараше развој во насока ЕУ да стане „Соединети европски држави“, и тоа најдоцна до 2025 година. „Членките на ЕУ кои не сакаат да се приклучат можат да ја напуштат ЕУ“, рече Шулц на конгресот на социјалдемократите во Берлин.
Посилна ЕУ, како што тврдеше Шулц, е и борба против десничарскиот екстремизам. Ако победат десничарските екстремисти, Европа ќе пропадне и ќе се балканизира. 21-иот век тогаш дефинитивно нема да му припаѓа на Западот.
Балканизацијa сфатена како фрагментација на поголем регион или држава на помали региони или држави, кои стануваат непријателски или некооперативни едни со други, а што обично е предизвикано од разликите во етничката припадност, културата, религијата и некои други фактори, како што се несогласувањата околу историското минатото, е непосакуван „концепт“ во ЕУ, посебно во нејзиниот западен дел. Но дали едновремено може да се отфрлат и предупредувањата за повторна можна поделба на Европа на Исток и Запад, имајќи ги на ум „брзините“ за кои сѐ почесто, па и во контекстот на проширувањето на ЕУ, зборува Емануел Макрон?