(ФОТО) МАКРОН ПРОГЛАСУВА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА? Протестите направија пустош во Париз

Во Париз трета ноќ по ред продолжија жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите, при што беа уапсени над 660 лица, а повредени се 249 полицајци.

1,009

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе свика вториот кризен состанок за два дена, откако избија масовни немири ширум земјата. Состанокот ќе се одржи во време кога десничарските и крајнодесничарските политичари бараат прогласување вонредна состојба.

Вонредната состојба им дава посебни овластувања на властите кога се смета дека институциите во земјата се „под закана“. Ова и овозможува на владата да воведе полициски час, да забрани собири и јавни настани.






Размерите на уништување забележани ширум Франција утринава веројатно ќе ги поттикнат повиците за вонредна состојба. Потпретседателот на Сенатот Роџер Каручи веќе објави на Твитер дека непрогласувањето вонредна состојба би било „грешка“.

фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

 

Вонредна состојба беше прогласена од претседателот Жак Ширак за време на немирите во предградијата во 2005 година. Тоа беше првпат мерката да биде објавена по 50 години.

Десет години подоцна, француската влада прогласи вонредна состојба по терористичките напади во Париз во 2015 година. Мерката траеше две години. Вчера неколку владини министри изјавија дека не се размислува за вонредна состојба, но во меѓувреме се засили интензитетот на протестите.

Во Париз трета ноќ по ред продолжија жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите, при што беа уапсени над 660 лица. Повредени се 249 полицајци. На улиците е вистински хаос, продавниците беа ограбени и многу автомобили беа запалени и покрај силното полициско присуство. Франција распореди 40.000 полицајци низ целата земја, но тоа не го спречи избувнувањето на насилството.

фото: EPA-EFE/JULIEN MATTIA

 

Дванаесет автобуси беа оштетени во предградијата на Париз кога во текот на ноќта беше нападнато складиште за автобуси во Обервилие. Градската транспортна компанија РАТП објави на Твитер дека „најостро го осудува овој напад врз имот што е клучен за функционирањето на јавниот сервис“.

Тие ги предупредија своите патници дека автобуските и трамвајските услуги ќе бидат „сериозно нарушени“.

Своето незадоволство на Твитер го изрази и министерот за транспорт Клеман Бон: „Нападот врз транспортниот систем значи напад врз најслабите на кои им се потребни нашите јавни услуги“.

фото: EPA-EFE/JULIEN MATTIA

 

Немирите во Франција започнаа во вторникот, откако полицаец уби 17-годишен тинејџер од алжирско-мароканско потекло, Нахел М, кој се обидел да се оддалечи кога бил запрен од полицијата. Полицаецот кој пукал во момчето, подоцна му се извини на семејството. Тој е обвинет за убиство, а неговиот адвокат тврди дека е „уништен“.

Поврзани содржини