На Западен Балкан му е потребен меѓучекор на патот кон ЕУ
Да ни биде јасно, ниту една иницијатива нема никакви шанси да биде ниту разгледана, а камоли прифатена од страна на ЕУ ако дојде поединечно од било која држава. Единствено заеднички, усогласен предлог од сите земји од регионот може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел.
Почитувани дами и господа,
Ви благодарам за поканата и за можноста што ми ја дадовте, повторно, после една година, да се обратам пред вас и заедно да продискутираме околу одредени аспекти поврзани со процесот на нашите евроинтеграции.
Подготвувајќи се за денешниов настан покрај некои други материјали го прочитав уште еднаш и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека, за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо битно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите.
Ние ги отворивме но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи.
Босна и Херцеговина доби кандидатски статус но со 14 услови и без право да ги користи европските фондови.
На Косово заради збиднувањата на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД.
Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави кои преговорите со ЕУ ги почнаа пред цели 9 односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро, пред 3 години Франција предложи, а останатите земји членки прифатија нова методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму заради тоа, а не заради бугарското вето во октомври 2019та и покрај позитивната препорака од страна на Европската Комисија, Македонија не ги почна преговорите со Унијата. И што е резултатот од новата методологија. Во овие 3 години ниту Србија, ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив, значаен чекор напред во процесот на преговорите. Со други зборови, од различни причини за различни држави процесот на евроинтегрирање на целиот регион или стои во место или бележи симболички напредок.
Сето ова го говорам затоа што сметам дека во креирањето на нашите политики во однос на евроинтеграциите мора да го имаме во предвид и поширокиот контекст, а не се да се сведува само на проблемот со Бугарија.
Фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали исчекори.
Според мене, барем во овој момент не постои простор за некаков поголем оптимизам ниту за наредниве неколку години.
Во Европската Унија, посебно кај т.н „стари“ и највлијателни членки, се повеќе се зајакнува следниот став: „прво реформа на унијата, па дури потоа ново проширување.“
Но заокружен концепт за тоа каква реформа, на кој начин и во кој временски период ќе се спроведе, се уште не е промовиран.
И уште нешто многу побитно. Било каква реформа во Унијата може да се спроведе само со едногласна поддршка од сите членки, а како што можеме да видиме целосен консензус е тешко да се постигне дури и за помалку важни прашања од тоа каков статус ќе имаат и кои привилегии ќе ги изгубат одредени земји со тие промени.
Мора да признаам дека за мене се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите без разлика од каде и од кого доаѓаат дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4, 5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата.
Или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување.
Можеби грешам, но гледајќи ја поделеноста во Унијата и колку тешко доаѓаат до единствен став во однос на битни прашања поврзани со војната, како на пример санкциите кон Русија, воената помош за Украина, начините како да се справат со енергетската и економската криза како последица од војната, се плашам дека тоа ќе го зголеми скептицизмот, а не ентузијазмот за проширување на Унијата.
Впрочем, одредени истражувања на јавното мнение во повеќе земји-членки на Унијата тоа и го потврдува.
Не треба да потсетувам дека на секој политичар, посебно пред избори, анкетите и расположението на граѓаните имаат клучно влијание.
Од друга страна, предолгото чекање, даваните а неисполнети ветувања од страна на ЕУ кон земјите од регионот, поставувањето на услови, и уцени кои се косат со основните европски вредности како што е случајот со Македонија, доведоа и до намалување на поддршката на интеграцијата во ЕУ и во земјите од регионот.
Неколку последователни и објективни истражувања на јавното мнение тоа јасно го покажуваат и во случајот со Република Македонија.
Значи вкупниот амбиент и во Европската Унија но и во земјите кандидати за членство не остава голем простор да се надеваме дека процесот на интегрирање ќе добие некоја забрзана динамика, барaм не на краток и среден рок.
Европската Унија нема јасен и консензуално усогласен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан.
Во недостиг на јасна стратегија постојано слушаме едни те исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива“.
За жал резултатот од сето тоа е статус кво ситуација. Во вакви околности пред нас имаме избор помеѓу 2 опции: првата е да останеме пасивни, да чекаме и да се надевме на некакво чудо, на некаков радикален пресврт кој ќе го забрза процесот, или да бидеме иницијативни да даваме идеи кои ќе значат исчекор и ќе овозможат одредена интегрираност и пред полноправното членство во ЕУ. Притоа да ни биде јасно! Ниедна иницијатива нема никакви шанси да биде ниту разгледана, а камоли прифатена од страна на ЕУ ако дојде поединечно од било која држава.
Единствено заеднички, усогласен предлог од сите земји од регионот може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел.
За да вакво нешто може да се реализира регионалната соработка, меѓусебната доверба и препознавањето на заедничките интереси се од клучно значење.
Како алатка за постигнување на оваа цел можат да бидат искористени постојните форми за регионална соработка или да биде креирана некоја нова создадена само за оваа намена.
Во насловот за денешнава дебата фигурираат Берлинскиот процес и Отворениот Балкан како две формализирани иницијативи за регионална соработка.
Дозволете мало фактографско потсетување.
Во 2014 година, две влијателни држави-членки на Европската Унија, Германија и Велика Британија покренаа заедничка иницијатива која требаше да го промени пристапот кон интегративниот процес на земјите од регионот.
Берлинскиот процес беше инициран во периодот кога скептицизмот кон проширувањето во рамки на ЕУ достигна своја кулминација. Целта беше да се ревитализираат мултилатералните врски меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ и да се подобри регионалната соработка во областа на инфраструктурата и економскиот развој.
Берлинскиот процес во изминатиот период се одвиваше со променлива динамика. Имаше периоди со забележителни активности и резултати но и периоди на целосна пасивност.
По излегувањето на Велика Британија од ЕУ, главен двигател на процесот е Германија и според некои показатели воглавно се промовираат проекти кои се без сомнение корисни за регионот но во исто време пред се, се од интерес на Берлин.
Отворен Балкан е автохтона регионална иницијатива создадена од Србија, Албанија и Македонија. Според мене главниот квалитет на оваа иницијатива е што не е наметната од надвор туку е резултат на сопствената свест за потреба од регионална соработка на сите полиња. Ќе се согласите, нешто што во претходните децении беше незамисливо.
Главниот хендикеп на оваа иницијатива е што засега од разни причини во неа не се вклучени Црна Гора, БиХ и Косово. Имајќи ја во предвид јасната поддршка на САД но и на ЕУ за иницијативата Отворен Балкан, не се сомневам дека овој хендикеп релативно брзо ќе биде надминат.
Според мене Берлинскиот процес и Отворениот Балкан не се неспоиви иницијативи бидејќи споделуваат исти вредности и водат кон заедничка крајна цел-полноправно членство во ЕУ.
А сега дозволете да се навратам на темата која пред малку ја најавив. Дали е можно, ние земјите од Западан Балкан, преку Берлинскиот процес, Отворениот Балкан или некоја друга форма на регионална соработка и комуникација да дефинираме и усогласиме една заедничка иницијатива и со неа да настапиме пред Европската унија со која ќе се даде нов квалитет и нова динамика на интеграцијата и со која ќе се направи еден покрупен исчекор од оваа статус кво ситуација.
Со други зборови, ние земјите кандидатки за членство да и помогнеме на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на негово интегрирање.
Почитувани дами и господа,
Би сакал да ја искористам оваа прилика пред вас, но и пред македонската јавност да промовирам една идеја за една таква иницијатива која по мое мислење заслужува внимание.
Што е тоа што во оваа фаза, за нас, земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака компликуваното одлучување во рамките на ЕУ.
Тоа е: пристап до заедничкиот пазар и пристап до европските фондови.
Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели.
И повторно ќе напоменам за да нема никаква забуна. Ова не би било никаква алтернатива или суспституција на полноправното членство во ЕУ.
Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел.
Кои би биле бенефитите од прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива:
-Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство.
-Европската унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.
Се разбира дека нема никаква гаранција ниту дека сите земји од регионот ќе се согласат и ќе застанат зад една ваква идеја, ниту пак доколку тоа се постигне дека ЕУ ќе ја прифати и ќе дојде до нејзина реализација. Но ако не се обидеме никогаш нема да дознаеме каков би бил исходот.
На крајот на краиштата нема што да изгубиме.
Кои се можните начини за постигнување на оваа цел.
Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област. Да се потсетиме, оваа организација е основана на 1 јануари 1994 година врз основа на договорот меѓу земјите членки на ЕФТА и во тоа време Европската заедница (денес Европска Унија). Со овој договор денес се овозможува Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ и без членство во ЕУ. За возврат тие се обврзани да ги усвојат и спроведуваат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар освен законите поврзани со земјоделие и рибарство.
Дека членството во ЕЕО не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995та како поранешни членки на ЕФТА станаа поноправни членки на ЕУ. На оваа тема имам разговарано со амбасадорот Јолевски, тој има подготвено и една подетална анализа и нешто подоцна ќе го замолам да ни ја презентира.
Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕО, а истовремено би се овозможил и пристап до Европските фондови е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено со кој би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
На крајот, ако дозволите, би упатил една порака до политичките фактори во земјава. Ако оцените дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание во ред, ќе ми биде драго. Ако сметате дека идејата е лоша или безвредна, повторно во ред, можете да ја критикувате или едноставно да ја игнорирате. Но ве молам немојте да и ставате партиски печат и да ја внесете во своите дневно-политички конфронтации.
Не случајно се решив да ја промовирам токму тука пред Советот на амбасадори. Пред луѓе со големо животно и дипломатско искуство. Но и со различни политички припадности.
Ви благодарам на вниманието.
(Говор на поранешниот претседател Бранко Црвенковски на дебата на тема: „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?“ – 19 јуни 2023 година, Скопје)