МАКЕДОНСКИТЕ УЧЕНИЦИ НЕ ГО РАЗБИРАААТ ТОА ШТО ГО ЧИТААТ Новата ПИРЛС студија покажа дека сме во друштво со Азербејџан, Узбекистан, Катар, Оман
Во читачка писменост, односно во читање со разбирање, Македонија со освоени 442 поени се најде под меѓународниот просек кој изнесува 500, покажа најновата ПИРЛС 2021 меѓународна студија (Progress in International Reading Literacy Study), која беше објавена неодамна, објави Мета.мк.
Последен пат македонски ученици учествувале во ПИРЛС во 2006 година, а она што загрижува е што бројот на освоени поени и тогаш и сега е ист – 442, што е индикатор дека за 15 години, како земја не сме оствариле напредок во читање со разбирање.
Според просечните достигнувања на тестираните четвртоодделенци (ученици на возраст од 10 години), на првите три места се Сингапур, Хонг Конг и Русија, а по нив следуваат Англија, Финска, Полска, Кинески Тајпеј, Шведска, Австралија и Бугарија.
Освен нашата земја, под просекот се рангираа Саудиска Арабија, Азербејџан, Узбекистан, Катар, Оман. Од земјите во регионот, под просекот се Косово (421 поени) и Црна Гора (487 поени). А над интернационалниот просек од земјите во регионот е рангирана Хрватска, со 557 поени, па Србија со 514 поени, како и Албанија со 513 поени.
Македонија досега учествуваше во првите два циклуси на студијата ПИРЛС во 2001 и во 2006 година. За една земја да биде дел од вакви меѓународни истражувања, државата треба да плати котизација, а конкретно, учеството на нашата земја во последната студија изнесувало околу 50.000 евра. Освен тоа имало и трошоци за печатење, дистрибуција и превод на материјалите.