ЌЕ ДОБИЕМЕ ЛИ АВТОПАТ СО ПОСЕБНА НАЦИОНАЛНА СОПСТВЕНОСТ? Колемишевски за дилемите околу Kоридорот 8
Трасата на овој коридор е ’рбетот на македонската држава. А на една третина од сегашната траса кон Охрид се среќаваат „манифестации на директен албански национализам“, пишува Колемишевски во „Нова Македонија“.
Коментирајќи ја изјавата на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, дали со новиот автопат на коридорот 8 се оцртува картата на Илирида и дали неслучајно се поврзуваат Приштина, Скопје и Тирана со нова брза траса, покрај постојната, Панде Колемишевски, во најновата колумна во „Нова Македонија“, вели дека самата тајност на договорот „дава повод за куп сомневања, не само за коруптивни постапки туку и за политички, национални и територијални непознаници“.
„Што се однесува до политичките импликации, тие се поврзуваат со манифестираниот и често нагласено повторуван еднонационален пристап, навестувајќи некаква посебна национална сопственост. Не беа во мал број изјавите од Артан Груби и други негови колеги дека тој проект е идеја, дело и реализација на албанските политичари во Македонија, фактички на ДУИ, фалејќи го Али Ахмети како главен идеен проектант. Еуфоријата оди дотаму што не беа нескриени некои изјави дека тој ќе им послужи за натамошно развивање на албанските делови од Република Македонија“, пишува Колемишевски во текстот под наслов „Државна тајна со меѓунационални непознаници“.
Манифестации на директен албански национализам се среќаваат речиси на една третина од сегашната траса кон Охрид, забележува авторот и додава:
„На тој дел од патот (кој не е автопат) се веат албански знамиња со јасна порака дека тоа е дел од Албанија. Градоначалникот на Тетово својот град го именува како главен град на Албанците во Македонија. Не многу одамна во Кичево, кадрите на ДУИ славеа десетгодишнина од денот кога ‘Кичево стана албански град’. Наведените примери може да упатуваат на мислата дека не е исклучена национално-политичка злоупотреба и на новата траса“.
Колемишевски вели дека трасата на овој коридор е ’рбетот на македонската држава.
„Она што го има кажано Крсте Петков Мисирков дека основата на македонскиот јазик е потегот Велес – Прилеп – Битола, важи и за окосница на македонската држава. Анатомијата на нејзината географска положба кажува дека релацијата Куманово – Скопје – Велес – Прилеп – Битола – Ресен – Охрид – Струга е централниот пат околу кој се одвива развојот. Ова е ’рбетот, а кон него се двете белодробни крила – Западна и Источна Македонија. Кога кон оваа магистрала би се поврзале помодерни патишта кон Бугарија, а ги има кон Грција и Србија, тогаш би се рекло дека Македонија е целосно поврзана со себеси, а со самото тоа и со светот“, пишува Колемишевски за „Нова Македонија“.
Целата колумна на следниот ЛИНК.