ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ПРОДАДЕНО ЗА 70 ДЕНАРИ ОД КВАДРАТ!? Пратеникот Лефков тврди дека купец е фирма на сопругата на премиерот
На 14 март на седница на владата, со која претседавал Груби, е донесена Одлука со која што се задолжува општина Радовиш да продаде државно земјиште од 1.119 м2 на фирмата Сол Груп 5 ДОО Скопје, каде сопственик е сопругата на Ковачевски – тврди Лефков.
Државната комисија за спречување на корупција да отвори случај и да ја испита владината одлука потпишана од вицепремиерот Артан Груби со која на фирмата на сопругата на премиерот Димитар Ковачевски и се продава државно земјиште по многу ниска цена, побара пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
– Наместо Ковачевски, потпишал Груби. Додека Ковачевски го брани Груби за криминалниот надзор од 22 милиони евра, Груби потпишува одлука за продажба на земјиште за фотоволтаична централа на сопругата на Ковачевски по цена од 70 денари за метар квадратен – наведе Лефков.
Пратеникот рече дека на 14 март на седница на владата, со која претседавал Груби, е донесена Одлука со која што се задолжува општина Радовиш да се продаде државно земјиште од 1.119 м2 на фирмата Сол Груп 5 ДОО Скопје, каде сопственик е сопругата на Ковачевски.
– Владата, во случајов Груби, прави непосредна спогодба со фирмата на сопругата на Ковачевски, и врз основа на таа непосредна спогодба е донесена Одлуката за продажба на 1.119 м2 државно земјиште по цена од 70 денари за м2. Фирмата на сопругата на Ковачевски ќе купи 1.119 м2 земјиште за вкупно 1.273 евра. Ова е последната сложувалка која е потребна за фирмата на сопругата на Ковачевски да ја дооформи парцелата и да пристапи кон вадење на дозволи од институциите за изградба на фотоволтаичната централа, и тоа е направено со потпис на Груби – рече Лефков.