Имитација на животот
Претходните криминалци се обидоа да имитираат град, овие имитираат – држава. Граѓанинот се соочува со нов автократски мрак, со културна регресија и антипросветителство. И сето тоа силно поддржано од меѓународните стратешки партнери, каде и „Давид“ на Микеланѓело се гледа како порнографија. Како ли тогаш ќе ја видат нашата „Голема мајка“, „Белиот ангел“, монументите во Крушево, Велес…? Како можат да ја разберат кирило-методиевската традиција, етногенезата, Охридскиот универзитет (наместо онаа имитација на Плаошник), Крушевскиот манифест, 1941…? Па веќе и ние, во нашата имитација на прозападната идеја, не си ги разбираме минатото, историјата, културата, традицијата!
Насловот некому може да му се види пресилен, но сигурен сум дека до најситниот детал го носи нашето име: секој сегмент од овој таканаречен живот – односно неговата имитација – најпрецизно ја отсликува Македонија во овој миг. Сосе „пазарењето“ на премиерот и „војната во Украина“ како негов џокер за сите наши катастрофи.
Се разбира дека никој, ама баш никој, пред некои петнаесет-дваесет години не го замислувал животот овде на овој начин, секако дека никој, ама баш никој, не мислел дека македонскиот „независен“, „самостоен“ и „суверен“ пат кон ЕУ ќе се претвори во мачилиште низ евро-балканските Сцили и Харибди. А богами никој ниту сонуваше дека и нашево членство во НАТО, на коешто, еве, му славиме тригодишнина, ќе има ваква цена, во континуитет. И затоа пак ќе ја повторам онаа констатација на Меџити со којашто тој искрено признава дека веќе не си ја препознава партијата, но и мојата парафраза: ни многумина од нас денес не си ја препознаваме земјата.
Тоа е тој „живот“ денес во Македонија, или животот од насловот: живуркање во незамисливото (што би рекол Панчиќ), вегетирање во неочекуваното, крекање во загадениот жабурник на немоќта и препелкање во провинциската прав на македонската неспособност. Дури, на мигови, нашата имитација на животот тендира да прерасне во – имитација на имитацијатата! И по тоа, секако, ќе бидеме први во светот. Сосе „маркетиншките“ претстави на премиерот.
Се разбира дека не се баш така чести – барем не во Македонија – генерациите кои можеле да го живеат својот сон со полна сила. Но такви биле оние на нашите татковци, оние кои ја извојувале 1945-та година, и оние последователни – оние на нивните деца. Таква беше и мојата генерација, и оние малку после неа: Македонија не беше идеално место за живеење, но оставаше простор да се сонува за дофатливо подобро утре; Македонија не беше ја измислила демократијата, но луѓето во неа беа слободни; тогашна Македонија не беше ни центар на Балканот, но живеевме како во центарот на Европа! Со истите идеи, со истите стремежи, со истата гордост. И со истите вредности!
Што остана од тој (сега) сон? Да кажете ништо – малку е, да ја оквалификувате оваа состојба во земјата како ненормална – колоквијално е, да ја наречете македонската политичка сцена катастрофална – поезија е, а да ја оцените македонската меѓународна позиција како понижувачка е – бајковито. Секоја споредба со поблиското или подалечното минато, дури и она кога Македонија морала често и наврапито да се трансформира од заостаната феудална провинција во никулец на современо (социјалистичко) општество, нема докрај да ја одрази суштината.
Во едно такво апокалиптично опкружување човекот/граѓанинот не е само обезимен, обезличен, сведен на голема нула и секојдневно бескрупулозно манипулиран. И не е само тоа, туку во 21-от век е оставен без образование, без култура, без здравство… без наука! Ама со ЕУ под мишка и ударни недоветни кампањи да ги внесе Бугарите – оние кои не му го признаваат јазикот, културата и идентитетот – во Уставот како државотворен народ!?
Но, уште пострашна варијанта од сето досега наброено е фактот што оваа мизерија, оваа имитација на животот одамна започнавме (дури) жизнерадосно да ја живуркаме и да свикнуваме на неа. Пред пет – или петнаесет, сеедно – години токму оваа имитација, ова битисување во (некогаш) незамисливото секојдневие стана наше „добро утро“ и дневна мантра на нашите „елити“ и нивните кербери во нашиот „прогресивен“ од кон Европа. И не само тоа туку ни организираат цели кампањи во обидот да нѐ убедат дека ни е убаво, дека никогаш и не сме живееле подобро, дека пораснале платите и пензиите и дека сето тоа е наша демократска придобивка. А сето тоа како нивна заслуга и впрегнатата кочија на патот кон ЕУ!
Следствено, министри ни цитираат нобеловци, ни продаваат магла дека „развојот не е само економски раст, туку и подобрување на животите на луѓето“, но не одговараат на елементарното прашање: зошто кај нас, особено последниве години, процесот е обратен? А ние – молчиме, свикнавме на лагите и на оваа имитација. Уште и ќе ги убедиме дека веруваме дека прогресивниве слепци навистина се раководат од тезата на Питер Друкер (таткото на менаџментот) дека „најважниот ресурс за економски развој се луѓето и луѓето, а не капиталот и суровините“. Па каде се тие луѓе, по ѓаволите? Овие нивни кримогени партиски кадри на најважните/најодговорните места во државата ли се тие „луѓе“?!
Во оваа наметната современа стапица македонскиот граѓанин – ако воопшто останало нешто од тој поим во нас – повторно ги активира историските механизми на молк и трпење, на покорно свитканиот ‘рбет и наведнатата глава. Незамисливото и она (некогаш гласовито) „никогаш да не се повтори“ одново ни стануваат начин на живот, доминантна паланечка психологија. А секој глас против во јавноста се прифаќа како богохулење, како контрареволуција (небаре не е време за тоа!), оние кои молчеа и пред десет години диктираат ново темпо на молчаливо прифаќање на гилотината и денес. Наведната глава сабја не ја сече, нели?
Ама сабјата не е имитација, само животот ни е таков. Сабјата е вистинска, и остра е. Како и нивниот лажлив прогрес којшто за нас е наш регрес, како и нивната демократија којашто за нас е нивна автократија. Претходните криминалци се обидоа да имитираат град, овие имитираат – држава. Граѓанинот се соочува со нов автократски мрак, со културна регресија и антипросветителство. И сето тоа силно поддржано од меѓународните стратешки партнери, каде и „Давид“ на Микеланѓело се гледа како порнографија. Како ли тогаш ќе ја видат нашата „Голема мајка“, „Белиот ангел“, монументите во Крушево, Велес…? Како можат да ја разберат кирило-методиевската традиција, етногенезата, Охридскиот универзитет (наместо онаа имитација на Плаошник), Крушевскиот манифест, 1941…? Па веќе и ние, во нашата имитација на прозападната идеја, не си ги разбираме минатото, историјата, културата, традицијата!
(teodosievskiumetnost.wordpress.com)