Кога бифтекот ќе стане книга
Замислете министерот Шаќири да е менаџер во некоја приватна фирма, во која ќе треба да се занимава со обврски од набавка на тоалетна хартија до креирање иновативни производи. Јас сум убедена дека нема вака да се однесува. Сигурна сум дека ќе смисли безброј варијанти и нема да може да спие додека не го реши проблемот – успешно и целосно.
Кога држава ќе каже дека нема пари за да испечати учебници, а во меѓувреме не прогласила банкрот, во најмала рака е срамота и израз на сета беда на оние што раководат со неа.
Премиерот Димитар Ковачевски да го слушне тоа признание и да не го измаршира „способниот“ министер од „успешната“ влада е врв во поддржувањето на таа мизерија.
Освен опозициската ВМРО-ДПМНЕ и две-три сатирични реакции на социјалните мрежи, никој во целото општество, ниту една граѓанска организација, ниту неуморните борци за правата на децата не излегоа да кажат дека е загрозено основното право на образование на младите на кои, нели, светот останува. Многу точно констатира Весна Јаневска кога вели „Македонија по прв пат од нејзиното постоење има пари за сѐ и сешто, а нема пари за книги“.
Очигледно сите одамна кренале раце од образованието, а сега тоа и јасно ни го кажуваат. А може така е и во ЕУ кон каде стремиме – не арчат пари за учебници. Образованието им е последно гајле. Што знаеме ние што не сме во ЕУ?
Министерот Јетон Шаќири тврди дека бил погрешно разбран, дека всушност имало пари за учебници за основно и за средно образование, но дека проблем биле книгите за стручното образование. Имало премногу струки, премногу учебници, а ич пари!
Како планираат да им успее дуалното образование ако немаат пари за стручни учебници? Кој можел да смисли и да скрои таква обемна програма а да не ја избуџетира?! Со буџет од 450 милиони евра да се нема пари за печатење учебници – тоа навистина е лошо менаџирање со државните пари и немање смисла за приоритети.
Но, така ни е кога имаме „бесплатно“ образование. Подобро сами да си ги купуваме книгите, како што беше порано. Вака тие као мислат дека нешто ни даваат, а ние као мислиме дека нешто ни следува. А всушност, ниту тие ни даваат, ниту ние добиваме.
Од бесплатното образование добивме само необразование, како што од бесплатното здравство добивме не-здравство.
Што ако утре излезе државата и рече: нема веќе пари за лекови и за лекување? Па за секој недостиг ли ќе треба да се вршат притисоци преку социјалните медиуми? За секој недостиг ли мора јавно да се срамат? Не може ли да најдат чаре, па после да мислат како ќе ги пренаменат средствата?
На пример, од ракчиња и бифтеци во хартија и во бои?
Замислете министерот Шаќири да е менаџер во некоја приватна фирма, во која ќе треба да се занимава со обврски од набавка на тоалетна хартија до креирање иновативни производи. Јас сум убедена дека нема вака да се однесува. Сигурна сум дека ќе смисли безброј варијанти и нема да може да спие додека не го реши проблемот – успешно и целосно.
Но, за жал, кога работите нешто што не го чувствувате како свое – не се ни замарате. Така е кога на проблемот мислите само од 9 до 17 часот, кога функцијата ја сфаќате како можност за лична промоција и како неможност да направите „чуда“.
Наместо да се шепури по разно-разни конференции и да држи бесмислени говори за блескавата иднина на младите во земјава, министерот Шаќири барем малку да се потрудел би можел да обезбеди донации за печатење на учебниците, на пример.
Уште два месеца ќе заврши учебната година, и како што е редот, министерот и администрацијата ќе се посветат на опсежно планирање на летните одмори, а печатењето на учебниците за следната учебна година ќе се отвори дури од октомври, зашто нели годишноодморската сезона завлегува длабоко во септември. До тогаш кога вообичаено почнуваат подготовките на учениците за првите тестови.