НЕ СМЕ НИ СВЕСНИ ЗА ШТЕТАТА ШТО НИ ЈА ПРАВАТ „БОМБАШИТЕ“ Родителите готват планови за „јуриш“ – ќе се разбудат ли заспаните институции?

Вака како што сега стојат работите, верувајте ми, децата воопшто не се образуваат. Наставниците им даваат материјали коишто треба да ги научат во своите домови, а тие материјали, да бидеме искрени, не им градат никакви вредности и знаења на децата, објаснува Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование.

5,401

„Сѐ уште не сме ни свесни дека ден по ден, дојава по дојава, евакуација по евакуација, ние всушност губиме цела една генерација идни лекари, научници, професори, интелектуалци…“.

Вака поранешниот заменик-министер за образование Петар Атанасов во разговор за Плусинфо ја коментира состојбата со лажните дојави за бомби во училиштата во којашто со месеци ни е заглавен системот, а ние како држава членка на НАТО никако не умееме да го одглавиме и да ги разоружаме здодевните анонимни заканувачи.






Луѓето коишто ја водат оваа држава не можат до недоглед да го дозволат ова лудило, туку мора да излезат со некакви решенија. Каде е крајот?

Петар Атанасов Поранешен заменик-министер за образование

Според Атанасов, ситуацијата во којашто се наоѓаме воопшто не е наивна и треба да се сфати прилично сериозно, оти, како што појаснува, најмногу трпи психата на децата, бидејќи детската благосостојба секојдневно ја нарушуваат терористи.

– Единственото алтернативно решение во моментов е да се воведе задолжителна онлајн-настава, но според искуството што го имавме за време на корона-кризата, видовме дека ваквото решение е прилично слабо и дека нашиот образовен систем не е на ниво да понуди квалитетно образование преку тастатура. Затоа, мислам дека во моментов е потребна една силна мобилизација, односно обука за наставниците за тоа како да се однесуваат со децата и како да постапуваат во вакви ситуации. Наставниците мора да разговараат со децата и да им ги објаснуваат работите кои за нив не се баш сфатливи. Но, од друга страна, пак, некој треба да работи и со наставниците. Треба да се смири топката, бидејќи ние во моментов немаме само образовни проблеми. Целата оваа состојба со заканите за бомби трае премногу долго, а државата не смееше ова да си го дозволи – објаснува Атанасов.

Тој вели дека не треба да дозволиме лошото искуство да ни стане навика.

– Децата уживаат поради тоа што губат часови, а родителите се нервираат. Оти, проблемот не ги засега само училиштата. Кога има дојава за бомба во одредено училиште и кога сите деца се принудени да си одат дома, тогаш и родителите на дел од тие деца мора да излезат од работа за да ги чуваат децата. Затоа, потребни се некакви нови идеи и нови чекори. Оти, ќе имаме генерации кои во иднина ќе се сеќаваат само на неучење, на неодење во училиште и на некој што постојано им ги реметел часовите. Вака како што сега стојат работите, верувајте ми, децата воопшто не се образуваат. Наставниците им даваат материјали коишто треба да ги научат во своите домови, а тие материјали, да бидеме искрени, не им градат никакви вредности и знаења на децата. И морам ова да го кажам, луѓето коишто ја водат оваа држава не можат до недоглед да го дозволат ова лудило, туку мора да излезат со некакви решенија. Каде е крајот? Освен што целата оваа ситуација не изгледа вкусно, туку и државата ни изгледа прилично неорганизирано – забележува Атанасов.

Во меѓувреме, дел од револтираните родители започнаа преку социјалните мрежи да го креваат својот глас, па дури и да повикуваат на протести.

Еден од нив е адвокатот Јанаки Митровски, кој преку Фејсбук денеска ги повика родителите да даваат идеи како да се делува со цел да се изврши притисок врз институциите.

„Сите родители ве повикувам за идеи да се организираме како да направиме притисок да се реши состојбава со дојавиве на бомби којашто трае со месеци, речиси цела година, а ни Владата ни МВР никако да ги најдат заканувачите. Да се самоорганизираме за протест или било каква акција, бидејки е сѐ поочигледна намерата за целосно префрлање на онлајн-настава која е погубна и за образованието и за социјализацијата на децата. Давајте идеи“ – напиша Митровски.

Инаку, заканите продолжија и денеска. Повеќе од 30 основни и средни училишта во Скопје изутринава и во текот на ноќта добиле заканувачки и-меил пораки за поставени бомби, потврди МВР.

Дојави за бомби добиле основни училишта во скопските населби Аеродром, Кисела Вода и Центар, како и неколку средни училишта во овие населби.

ИЗУТРИНАВА ПОВТОРНО ДОЈАВИ ЗА БОМБИ На удар основни и средни училишта

Поврзани содржини