ЗА ЈАВНИОТ ЗБОР МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ Новинарскиот еснаф со осуда за Латас и Лазаров

Ја поздравуваме брзата и транспарентна реакција на МВР и Обвинителството и очекуваме во најбрз рок да има судска постапка со која ќе се покаже дека ваков тип на злоупотреби подлежат на санкции – се вели во заедничкото соопштение на ЗНМ, СЕММ и ССНМ.

1,282

Новинарските организации во заедничко соопштение го осудијa говорот со кој се поттикнува насилство и се стимулира родова дискриминација искажан во интервјуто на јутјуберот Стефан Лазаров со новинарот Драган Павловиќ-Латас.

„Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира. Укажуваме дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор. Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација“, се наведува во соопштението на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).






Во вакви ситуации, додаваат оттаму, нужно е надлежните институции да преземат итни мерки со цел да покаже дека не се толерира неказнивност при груба злоупотреба на јавниот говор во интернет просторот. Токму во врска со овој инцидент денеска МВР и јавното обвинителство соопштија дека покренале иницијатива за оформување предмет.

„Оттука, ја поздравуваме брзата и транспарентна реакција на МВР и Обвинителството и очекуваме во најбрз рок да има судска постапка со која ќе се покаже дека ваков тип на злоупотреби подлежат на санкции. Освен ова, укажуваме дека одговорноста за тоа кој и каква содржина за публиката креира ја имаат компаниите кои преку платена реклама своите производи ги промовираат на вакви платформи. Рекламерите треба да знаат дека имаат општествена одговорност и дека свесно поддржување на вакви содржини ги прави соучесници во промоција на искривени вредности во нарушувањето на граѓанските права. Затоа потребно е тие јавно да се оградат од ваквиот јавен наратив, да ја преиспитаат својата соработка и во иднина да внимаваат каде се рекламираат“, реагираат од ЗНМ, СЕММ и ССНМ.

По лавината негативни реакции кои ја преплавија јавноста во врска со неодамна емитуваното поткаст-интервју на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас, секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР), за конкретниот случај денеска доставил известување до Основното јавно обвинителство Скопје.

Поткаст-интервјуто емитувано на 15 февруари годинава на јутјуб-каналот „Лазаров“, во кое гостува Павловиќ-Латас, освен кај пошироката јавност, реакции предизвика и кај дел од невладините организации.

Со осуди се јави и „Собрание на Жената“, организација на жените на партијата Алијанса за Албанците.

„Јавната изјава на Драган Павловиќ Латас, во која тој гордо признава тежок чин на силување е исто толку груба како и делото што го направил. Ваквите изјави се второ силување за жртвата, поттик за повторување на ваквите дела кај лица кои имаат исти диспозиции како Латас и треба да служат како аларм за институциите“ – се вели во нивната реакција.

„Собрание на Жената“ ги повикува МВР и ОЈО овој случај да не остане во фиока, како многу други, туку, конечно, ваквите примери да ја добијат заслужената казна за да послужат како поука за другите.

„Децата, жените и девојките во нашето општество се под постојана опасност, уште повеќе кога се јавно загрозени и девалвирани од луѓе со јавно влијание, а притоа институциите молчат пред вакви случаи“ – се вели во соопштението на организацијата.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ИНТЕРВЈУТО НА ЛАТАС КАЈ ЛАЗАРОВ Надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за потребните проверки

Поврзани содржини