ДИГНАТ ВО ВОЗДУХ ХОТЕЛ ВО САРАНДА, АЛБАНИЈА! Нема жртви, граѓаните вознемирени
Се претпоставува дека подметнувањето на експлозивот има врска со кавгата меѓу двајца бизнисмени околу сопственоста врз хотелот.
Хотелот Бизанти на градското шеталиште во градот Саранда во Албанија утрово е дигнат во воздух со експлозив, јави албанската телевизија ТВ Клан.
Во внатрешноста имало подметнат експлозив од типот тротил. Хотелот целосно е урнат. Нема повредени, но има многу преплашени жители на Саранда, кои утрово се разбудиле од силната експлозија, известува ТВ Клан.
Експлозијата е снимена со безбедносни камери. Полицијата истражува, а албанските медиуми шпекулираат дека е можно експлозивот да бил подметнат во рамки на пресметките на двајцата сопственици на хотелот кои се со нарушени односи и се судат околу сопственоста на хотелот Бизанти.
Жителите на околните згради претрпеле штета од експлозијата, има многу искршени излози и стакла од апартманите. Местото на експлозијата е на 50-тина метри од морето, покрај кејот на градското шеталиште во Саранда. Остатоци од демолираниот и урнат хотел се обезбедуваат од полицијата.
Саранда е град во јужна Албанија, на Јонското Море и се наоѓа на 20-тина километри од копнената граница со Грција, односно спроти островот Крф. Ова туристичко место е популарно и посетувано од туристи од Македонија.