ОБВИНЕТИТЕ ВО „ТИТАНИК 2“ ПОВТОРНО ОСУДЕНИ СО ИСТИТЕ ДОКАЗИ Судијата Ставрев ги игнорираше напатствијата на апелација
Сите обвинети добија по две години затвор, а делото на членовите на ДИК беше преквалификувано и сега се осудени за повреда на избирачко право.
На повтореното судење за предметот „Титаник 2“ Кривичниот суд донесе осудителни пресуди. Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими од ДПА, како и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ добија по две години затвор за изборни нерегуларности.
Сашо Мијалков и Мендух Тачи се осудени за поттикнувачки дејствија, додека поранешните членови добија преквалификација на дело и сега се осудени за повреда на избирачко право.
Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново го пресудија предметот „Титаник 2“ кој се однесува на изборни нерегуларности сторени на изборите во 2013 година. Судијата Ставрев рече дека ги ценел сите олеснителни и отежителни околности и ги огласи сите осомничени за виновни.
– Судот е на мислење дека никогаш и никаде, не смее неправото да биде над правото. Обвинетите направиле директна повреда на изборното право во интерес на своите партиски интереси, со директна и умислена повреда – изјави судијата Ставрев.
Сашо Мијалков беше спроведен на судењето со доцнење од половина час од страна на затворските полицајци од затворот во Струга. Во судницата беше присутен и неговиот син Александар Мијалков.
Сите обвинети и на повтореното судење се изјаснија за невини. Обвинетите очекуваа дека обвинителот Гаврил Бубевски ќе го повлече обвинението кое го сметаат за неиздржано, а откако тоа не беше направено, очекуваа судиите да донесат ослободителни пресуди.
Според обвинението на поранешното СЈО, Мијалков во 2013 година побарал Мендух Тачи да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, а на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.
Како што пишуваше Плусинфо, во одлуката за укинувањето на првата пресуда и за враќање во прв степен, Апелациониот суд даде јасни и мошне прецизни насоки за повторното судење. За жал, обвинителот Гаврил Бубевски ги игнорираше тие напатствија.