ОСТРИ ОСУДИ ЗА ТЕПАЊЕТО НА ПЕНДИКОВ, НО И ЗА БУГАРСКИТЕ ПРОВОКАЦИИ Османи во Софија го посети истепаниот охриѓанец

Фокусот денеска е на ова насилство врз Христијан коешто мора да го осудиме, и мора да создадеме атмосфера на нула толеранција, но исто така и провокација од политичари кои доаѓаат во Северна Македонија среде Скопје, го негираат македонскиот народ, го навредуваат македонскиот народ, тоа мора да го прекеинеме и тој циклус во којшто сме влезени мора да престане - дециден е Османи.

987

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот бугарски колега Николај Милков го посетија денеска со софиската болница нападнатиот македонски државјанин од Охрид Христијан Пендиков, кој утре треба да биде опериран.

Османи рече дека институциите во Северна Македонија ќе го расчистат инцидентот, а бугарската заедница ќе биде почитувана и ќе ги има сите права, слободи и привилегии како секој друг граѓанин и другите заедници што живеат во земјата. Османи апелираше да престанат провокациите од двете страни.






Тој порача дека најважната порака што сака да ја упати е дека нема да нема да дозволиме како две влади провокатори и насилници да ни ја киднапираат таа агенда.

– Затоа сум дојден тука, да ја испратам таа порака – дека ние градиме добри односи со Бугарија, ја гледаме иднината во блиска соработка и партнерство со Бугарија, и било кој провокатор, дали е тоа политичар од Бугарија или од Северна Македонија, дали е тоа насилникот од Охрид или од било каде, нема да дозволиме тие да ни ја диктираат агендата. Бугарската заедница е и ќе биде почитувана заедница во Република Северна Македонија, ќе ги имаат сите права, слободи, и привилегии како и секој друг граѓанин и секоја друга заедница, и заедно со другите ќе живеат подеднакво слободни – рече Османи.

Тој исто така упати и порака дека нема да се дозволи и негирање на македонскиот народ.

– Затоа сакам и да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат и да укажам дека секое доаѓање во Северна Македонија, со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мораме сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Северна Македонија. Значи и двете прашања ќе мора подеднакво. Фокусот денеска е на ова насилство врз Христијан коешто мора да го осудиме, и мора да создадеме атмосфера на нула толеранција, но исто така и провокација од политичари кои доаѓаат во Северна Македонија среде Скопје, го негираат македонскиот народ, го навредуваат македонскиот народ, тоа мора да го прекеинеме и тој циклус во којшто сме влезени мора да престане – дециден е Османи.

Бугарскиот министер Милков рече дека атмосферата на неказнивост не смее да се толерира „зашто за такви нешта нема место во Европската Унија“.

Бугарија цврсто инсистира сторителите на овој чин и други слични дела да бидат казнети со строгост на законот, за да се стави крај на оваа атмосфера на неказнивост што раѓа ново и ново насилство – рече Милков, по посетата на Пендиков на ВМА.

Тој додаде дека сака да каже „не” за заживување на „црните традиции” кои историски се поврзуваат со Северна Македонија – палење, пукање и насилство врз луѓето.

– За такви работи воопшто нема место во Европа и ние сме крајно загрижени поради тоа – додаде Милков.

Според в.д. министерот Милков, Пендиков продолжува да добива закани преку Интернет

Пендиков, кој е македонски Бугарин и секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, завчера со владин авион на Бугарија беше транспортиран во болница во Софија, откако минатата недела беше претепан во кафеана на кејот Македонија во Охрид. Полицијата во петокот приведе тројца охриѓани осомничени дека физички го нападнале Пендиков и против нив се води кривична постапка.

Засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство, за Пендиков ја напуштил државата. Според правниците, преседан е начинот на којшто тој е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка е целосно компромитирана со изјавите на политичарите, зашто на тој начин им се отежнува работата на јавните обвинители.

Пендиков претходно е осомничено како сторител на кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, но за таа постапка не е познато дали јавниот обвинител му изрекол мерка за обезбедување присуство.

Поврзани содржини