КАМАТИТЕ ЌЕ РАСТАТ, ИНФЛАЦИЈАТА ЌЕ ПАЃА Народната банка годинава очекува стабилизација на инфлацијата на 9 отсто
Експертите велат дека банките немаат друг избор освен да ги затегнат каматите, додека двоцифрената инфлација ќе почне да опаѓа.
Народната банка очекува двоцифрената инфлација од лани годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти. Како што рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во овие услови на криза фокусот е ставен врз макроекономските политики, но клучниот двигател на растот се структурните реформи.
Ангеловска-Бежоска, која учествуваше на конференцијата „Предизвици на економските политики во 2023 година”, напомена дека колку економијата е трговски поотворена и по увозно зависна особено во енергетскиот сектор, како што е нашата, толку шокот од кризата е поголем.
Според неа, во услови на вакви инфлациски движења, централните банки немаат друг избор освен да реагираат во насока на затегнување на монетарната политика.
На слично мнение е и Глигор Бишев, претседател на Советот за унапреедување на високото образование. Според Бишев, можно е натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги.
– На светско ниво и кај нас можно е да очекуваме натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги и да се вратиме на ниво на инфлација која ја памтиме во последните десетина година – изјави Бишев по првиот панел од конференцијата.
На панелот учествуваше и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Според него, досега Македонија недоволно направила за економијата да биде конкурентна на глобално ниво.
– Имаме недостатоци или сме многу увозно зависни или имаме недостаток на доволно ресурси без разлика дали човечки или други и не секогаш имаме доволно јасни, прецизни и навремени политики – истакна Битиќи.
– Затоа мораме да го смениме пристапот. Не можеме цело време да се бориме со заштита на нашата работна сила која е невработена, а при тоа тие да одбиваат работа и економијата да трпи. Не можеме да имаме ни јавни инвестиции ако немаме увоз на работна сила во земјава. За жал таква е состојбата и ние еднаш за секогаш мора да се справиме со тоа – посочи Битиќи.
Ние мораме, не само да се отвориме и да ги направиме нашите производи поконкурентни на домашниот пазар, туку и на регионалниот пазар, истакна вицепремиерот Битиќи во однос на прашањето за Законот за декларациите, којшто, како што се тврди, ги става компаниите во дополнителен трошок.
– Сметам дека едно решение којшто го дава Законот за потрошувачи, може да ни биде добра лекција дека треба да влеземе во период на усогласување на решенијата, а не само на меѓусебно консултирање како чинители – истакна вицепремиерот.