БАРИКАДИТЕ СЕ ТРГНАТИ, ВРЕМЕ Е ЗА ПРЕГОВОРИ Двата изгорени камиона потсетуваат на случувањата на северот на Косово

Последната ескалација на кризата во косовско-српските односи започна со одлуката на Владата во Приштина да ги смени српските регистарски таблички на автомобилите на косовските Срби со косовски.

134

Последната барикада во северно Косово е отстранета, објави српската национална телевизија РТС.

Силите на мировната мисија на НАТО на Косово КФОР ги отстранија двата камиона што го блокираа патот Косовска Митровица – Рударе.






Соединетите Американски Држави го поздравија отстранувањето на барикадите од северот на Косово и враќањето во функција на премините, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент запрашан за очекувањата на Вашингтон од процесот на дијалог кога ситуацијата ќе се смири.

„Американците очекуваат Косово и Србија да се вратат на напорите за промовирање на создавање поволна средина за помирување, регионална стабилност и соработка во корист на сите граѓани кои живеат во Косово и Србија”, пишува порталот.

САД бараат сите договори постигнати во рамките на процесот на дијалог да се спроведат целосно и без одлагање, пренесува Бета.

Се очекува наскоро во Приштина и во Белград да пристигнат главните советници на германскиот канцелар Олаф Шолц и на францускиот претседател Емануел Макрон за да дадат поттик на дијалогот.

На 29 декември почна отстранувањето на барикадите во северно Косово, при што косовските Срби отстранија поголем дел од барикадите, но останаа двата изгорени камиони.

Косовските Срби ги подигнаа првите барикади на 10 декември и 20 дена ги блокираа патиштата и некои гранични премини во северно Косово. Косовските Срби протестираа поради апсењето на поранешниот полицаец од косовски Срби, Дејан Пантиќ, за кој косовските власти велат дека организирал напади врз избирачките тела. Откако Пантиќ излезе од затвор во домашен притвор, а српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше со претставниците на косовските Срби во Рашка, почна отстранувањето на барикадите во северниот дел на Косово.

Последната ескалација на кризата во косовско-српските односи започна со одлуката на Владата во Приштина да ги смени српските регистарски таблички на автомобилите на косовските Срби со косовски. Српските претставници ги напуштија косовските институции и полициските сили, а единиците на косовската полиција се преселија во областите населени со претежно Срби. По преговорите и компромисот, Приштина засега се откажа од промената на регистарските таблички, но тензиите беа зголемени со апсењата на косовските Срби.

Поврзани содржини