СТУДЕНТИТЕ ЌЕ УЧАТ НА СВЕЌИ Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во секој момент може да остане без струја
Од ЕВН Хоме ни потврдија дека тие се снабдувачи со електрична енергија на Градската библиотека „Браќа Миладиновци”, како и дека е доспеан долгот на оваа институција и дека се ставени на листата за исклучување.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во секој момент може да остане без струја, па студентите кои се најчести посетители не ќе можат да ги користат читалните за учење.
Според нашите информации, Библиотеката има неколку заостанати сметки за електрична енергија во висина од околу 1,5 милиони денари. Поради тоа добавувачот ЕВН Хоме веќе исклучил едно броило во овој објект. Доколку не се платат сметките, на Библиотеката ѝ се заканува целосен мрак.
Се обидовме да стапиме во контакт со директорката на Библиотеката Снежана Стојчевска, која сакавме да ја прашаме колку институцијата должи за електрична енергија, за колку месеци и дали и како планираат да ги сервисираат доспеаните долгови. Нејзината секретарка нѐ информира дека Стојчевска има состаноци, а прашањата ги испративме на нејзиниот мејл. Директорката вети дека ќе одговори во текот на денот.
„Ви благодарам за интересот за проблемите со кои се соочува Библиотеката. На прашањата ќе ви одговорам во текот на денот“, ни одговори кусо директорката Стојчевска.
Од ЕВН Хоме ни потврдија дека тие се снабдувачи со електрична енергија на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и дека е доспеан долгот на оваа институција и дека се ставени на листата за исклучување.
– Секој корисник кој го пречекорува рокот за плаќање на фактурата за електрична енергија, ги исполнува условите за исклучување. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се снабдува од ЕВН Хоме како Снабдувач во краен случај – ни одговорија од ЕВН.
Прашавме дали е вистина дека Библиотеката должи околу 1,5 милиони денари, но од ЕВН Хоме не ни ја потврдија сумата, туку само дека е исполнет условот за исклучување.
– Тоа се доверливи податоци, меѓутоа, условот за исклучување е исполнет – велат од ЕВН Хоме за Плусинфо.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, претставува современ библиотечно-информациски сервис, регионален и едукативен центар. Во неа се организираат бројни културни настани, а исто така има реновирани и современо опремени оддели и читални кои работат 24 часа, овозможувајќи пријатно место за сите читатели и пријатели на библиотеката.