ЌЕ ИЗДРЖИМЕ И ДО ТРИ ГОДИНИ БЕЗ СТРУЈА Госпоѓа Зеленска зборува за истрајноста на Украинците
Знаете, лесно е да се трча маратон кога се знае колку километри има. Во овој случај, сепак, Украинците не знаат колку треба да трчаат. Понекогаш може да биде многу тешко. Но, има некои нови емоции кои ни помагаат да се одржим, вели госпоѓа Зеленска.
Над 90 отсто од Украинците рекле дека се подготвени да живеат со недостиг на струја и во следните две до три години ако можат барем да видат можност за пристапување на земјата во Европската унија. Ова на новинарите на Би-Би-Си им го кажа првата дама на Украина, Олена Зеленска, велејќи дека „ние сме подготвени да го издржиме ова“.
Госпоѓа Зеленска живее одвоено со децата додека нејзиниот сопруг „живее на работа“. Таа не се жали од ситуацијата, туку повторува дека земјата ќе продолжи да се бори без оглед на сѐ бидејќи „без победа не може да има мир“.
– Имавме толку многу страшни предизвици, видовме толку многу жртви, толку многу уништувања, што затемнувањето не е најлошото нешто што може да ни се случи – инсистира Зеленска.
– Знаете, лесно е да се трча маратон кога се знае колку километри има. Во овој случај, сепак, Украинците не знаат колку треба да трчаат. Понекогаш може да биде многу тешко. Но, има некои нови емоции кои ни помагаат да се одржиме.
Сите Украинци ќе станат посилни поради оваа војна, стоички предвидува првата дама на Украина.

Едночасовното интервју на Би-Би-Си било снимено во исконската Куќа на Химерите, украсена со со глава од слон и скулптури на митски суштества, меѓу кои и демони, свртени кон улицата Банкова 10. Таа улица е како украинската верзија на улицата Даунинг во Британија, каде живее премиерот.
Истата таа зграда беше во позадина кога престседателот Зеленски на 26-ти февруари им се обрати на Украинците, два дена откако руските тенкови влегоа во земјата.
– Тука сум. Нема да го оставиме оружјето – изјави тогаш Зеленски.
Претходната ноќ, претседателот во друго селфи видео објави дека Русија „ме назначи мене како мета број еден, а моето семејство како мета број два“.

– И така беше од првиот ден и продолжува сега – се сеќава Олена Зеленска, а нејзините зборови едвај го кријат огромниот напор низ кој поминува нејзиното семејство, како и сите украински семејства што сега се распаднати.
Олена Зеленска вели дека на нејзиното семејство му недостига времето што тие го поминуваат заедно. Таа не сакала да каже кога последен пат тие вечерале заедно со своите деца, 18-годишната Олександра и деветгодишниот Кирило.
– Тоа е многу ретко во денешно време. Многу ретко – вели таа.
– Најмногу ни недостасуваат едноставни работи – да седиме, да не гледаме во часовникот, колку што сакаме – додава првата дама.
Од својот сопруг ја делат само неколку ѕидови со вреќи со песок и неколку тимови со обезбедување. Тие се толку блиску, а сепак толку далеку.