ЧЛЕНОВИ НА УПРАВНИОТ ОДБОР ГО ТУЖАТ ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП Поднесена е тужба за клевета против Стојковски

142

Дел од членовите на Управниот одбор на ЈСП Скопје поднесоа тужба до Основниот граѓански суд Скопје против в.д. директорот на ЈСП Скопје Александар Стојковски и против Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за јавно изречена навреда и клевета.

„На 20.10.2022 година по налог на в.д. директорот на ЈСП на официјалната веб страна и на фејсбук страната на ЈСП Скопје објавен е идентичен текст во кој Управниот одбор на ЈСП Скопје неправедно се инволвира како еден од организаторите на штрајкот на синдикатите кој се случуваше истиот ден и дека членовите на УО ќе бидат дел од кривична пријава поради незаконско организирање штрајк и попречување на работата на претпријатието.






Поради изнесувањето невистини на официјалните јавни гласила на ЈСП Скопје и проследувањето на тие невистини до медиумите во државата, беше побарано јавно извинување од в.д. директорот до членовите на УО. Бидејќи в.д. директорот на ЈСП Скопје одби да му се извини на Управниот одбор, дел од членовите одлучија правдата да ја бараат пред надлежните судови во нашата држава, односно доставија тужба против в.д. директорот на ЈСП за клевета. Поради изнесени невистинити факти и тврдења директно е нанесена штета на честа и угледот на членовите на УО на ЈСП“, се наведува во соопштението на дел од членовите на Управниот одбор на ЈСП Скопје.

Тие сметаат дека целта на ваквото однесување од в.д. директорот била вината за настанатата ситуација да се префрли на Управниот одбор на ЈСП, а со тоа членовите да се дискредитираат како личности и професионалци во својата работа.

Иако во писменото известување, не се наведени членовите на УО по име и презиме, сепак нивниот идентитет е очевиден со оглед на тоа што на веб страната на ЈСП, во делот раководна структура се јавно објавени податоците за сите членови на Управниот одбор, што подразбира дека таквите податоци се јавно достапни за целата јавност.

Поврзани содржини