ЈАВНО ОСУДЕТЕ ЈА БУГАРИЈА ЗА ПРОМОВИРАЊЕ ФАШИСТИЧКА И АНТИМАКЕДОНСКА ИДЕОЛОГИЈА Левица ѝ пиша писмо на Европската Унија
Највисоките и релевантни институции на Европската Унија да го обелоденат нивниот став по ваквите случувања и јавно да ги осудат дејствата на Бугарија за промовирање и поддршка на здруженија кои глорифицираат нацистички соработници со антисемитска, фашистичка и антимакедонска идеологија во трета земја преку злоупотреба на нејзините права на вето како земја-членка на ЕУ, се вели во писмото.
Трендот на отворање клубови кои носат имиња на фашистички дејци со цел рехабилитација и глорификација на фашизмот, нацизмот во нивните современи облици мора да престане, наведува политичката партија Левица во отвореното писмо испратено до институциите на ЕУ од кои бара осуда за фашистичките клубови.
„Сведоци сме на сервилното однесување на владејачката елита, која преку недејствување придонесува овој негативен тренд да се шири, што остава чувство на горчина и несигурност кај македонскиот народ. Во целосно отсуство на претставување на вистинската слика за тоа што земја-членка на ЕУ прави во трета држава, во услови кога државната политика на Република Македонија зема поданичка форма која ги става народот и државата во подредена положба на идеите за кои сметавме дека се победени во 1945 година, политичката парија Левица одлучи, во име на македонскиот народ, чиј глас никогаш не е претставуван од актуелната власт, да испрати отворено писмо во кое ја претставува положбата во која се наоѓаат македонскиот народ и држава“, наведено е во писмото.
Имајќи ги предвид резолуциите на ООН како највисок орган во светската политика кои ја осудуваат секоја форма и појава на фашизам и нацизам, како и Резолуцијата за подемот на неофашистичкото насилство во Европа донесена од страна на Европскиот парламент во 2018 година од една страна, како и молкот и изјавите на претставници на институциите на Унијата, кои во изминатиов период активно учествуваат, го набљудуваат и оценуваат односот помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, посочено е во писмото, Левица образложувајќи ги дејствијата во Македонија од бугарска страна, побара:
„Највисоките и релевантни институции на Европската Унија да го обелоденат нивниот став по ваквите случувања и јавно да ги осудат дејствата на Бугарија за промовирање и поддршка на здруженија кои глорифицираат нацистички соработници со антисемитска, фашистичка и антимакедонска идеологија во трета земја преку злоупотреба на нејзините права на вето како земја-членка на ЕУ“, се вели во писмото.