ИТНА ИСТРАГА ЗА НАПАДОТ ВРЗ БОЖИНОВСКИ Новинарските здруженија бараат државата енергично да реагира
„Безбедноста на новинарите е предуслов за професионално вршење на нивните обврски и секое насилство кон нив е апсолутно неприфатливо“ – се вели во реакцијата на ААВМУ.
Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот врз сопственикот нa порталот „Буревесник” Зоран Божиновски.
Според објавите во медиумите, нападот се случил вчеравечер во Битола, пред неговата куќа и нанесени му се тешки телесни повреди од страна на две маскирани лица. Случајот е веќе пријавен во полиција.
„Го осудуваме секој облик на физичко насилство и потенцираме дека физичкиот напад претставува кривично дело. Апелираме МВР и ОЈО, итно да ги истражат и процесираат ваквите напади со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“ – реагираат ЗНМ и Советот за етика во медиумите.
И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како што вели, најостро го осудува вчерашниот физички напад врз сопственикот на „Буревесник“ Зоран Божиновски.
„Безбедноста на новинарите е предуслов за професионално вршење на нивните обврски и секое насилство кон нив е апсолутно неприфатливо. Тие треба да ја вршат својата работа ослободени од каков било вид напади, притисоци, вознемирување и заплашување. Потенцираме дека во демократските земји е неопходно да се обезбеди целосно уживање на правото на слобода на изразување и на правото на информирање на граѓаните“ – се вели во реакцијата на ААВМУ.