За македонистите и оваа земја, простете, е туѓа!

Како да бидат добредојдени во Благоевград, кога македонистите не се добредојдени ни во Македонија?

4,270

Советот на општината Благоевград го забранил отворањето на македонскиот културен клуб, именуван по поетот и револуционер Никола Вапцаров.

Кого и Бугарите денес го слават и го сметаат за Бугарин.






А во 1942 во Софија е стрелан како комунист.

Го стрелале бугарските фашисти.

Кои, по најново, не биле фашисти.

Нејсе…

„Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации“, се вели во декларацијата на општината Благоевград.

За споредба, советите на општините Битола и Охрид, како и македонската влада, очигледно немаат намера да ги затворат бугарските културни клубови во овие градови.

Именувани по Ванчо Михајлов и по Цар Борис Трети.

Во Битола и во Охрид пропагандните провокации се дозволени.

Не е дозволено да се оштетуваат клубовите. Тоа е најстрого забрането. За тоа се добива затворска казна. А евроамбасадорот Дејвид Гир скока како попарен.

А имињата на фашистичкиот колаборационист Михајлов и на бугарскиот цар сојузник на Адолф Хитлер – не се ли тие провокација?

Одобрува ли ЕУ повампирување на фашизмот?

Владата на СДСМ и на ДУИ за ова не смее да зуцне. Да не би да го наруши Договорот за добрососедство…

Ете, тоа е, накусо, разликата меѓу Бугарија и оваа параспур држава Македонија.

Меѓу држава и село без кучиња…

Ако му се верува на бизнисменот и филантроп Милан Врабевски, финансиерот на бугарските клубови во Македонија – а јас немам причини да не му верувам – отворањето на бугарските културни клубови било поздравено и од поранешниот премиер Зоран Заев и од претседателот Стево Пендаровски.

Таму некаде во 2017 година, кога МПЦ глумеше посвојче на „мајката“ бугарска Црква, а Врабевски, Зоки и неизбежниот владика Наум тврделе пазар.

Или, ајде да бидеме попрецизни, Заев и Пендаровски знаеле за намерите на Врабевски. Човекот фино им објаснил дека е дојдено време Бугарите во Македонија слободно да ја истакнуваат својата бугарска самосвест и да се шири бугарската идеја.

Тоа на Заев и на Пендаровски, претпоставувам, многу им се допаднало.

А што, не им се допаднало?

Па што не кажале ако имале нешто против?!

Како и да е, во Бугарија не е дозволено да се истакнува македонската самосвест и да се шири македонската идеја, со отворање македонски културни клубови.

Бидејќи тоа за Бугарија е провокација.

Бидејќи Македонци таму, нели, не постојат.

А на Заев, Пендаровски и на сегашната влада на СДСМ и на ДУИ тоа им се допаѓа.

А што, не им се допаѓа?

Па што не кажат дека не е така?!

Нека кажат дека има Македонци во Бугарија.

Нека кажат дека сакаат да се шири македонската идеја во таа земја.

И дека ова што го прави Бугарија и не е баш европски.

Не смеат така да кажат. Не смеат да зуцнат. Знаете ли зошто?

Затоа што изгледа сепак е во право оној европратеник Ангел Џамбаски, кога на премиерот Димитар Ковачевски дрско му порачува – за Македонија во ЕУ не решавате вие, за тоа решава Бугарија, бидејќи Бугарија за вас е ЕУ!

И Ковачевски молчи. Бидејќи не го познава Џамбаски.

Владата на СДСМ и на ДУИ ги прифаќа сите уцени и ги толерира сите бугарски провокации.

Нејзината политика кон Софија, всушност, е една голема бугарска провокација кон Македонија и кон Македонците.

Да биде цинизмот поголем, таквата политика ни се продава како – европска.

Еден општински советник од ГЕРБ изјавил дека македонистите не се добредојдени во Благоевград.

Знаеме, де…

Би било чудно да е поинаку.

Зашто, за пропагандистите на СДСМ, македонистите не се добредојдени ни во Македонија.

За македонистите и оваа земја, простете, е туѓа.

Време е да се соочиме со таа трагична вистина.

Поврзани содржини