И ЖЕНИТЕ НА СЕЛО МОЖЕ ДА БИДАТ УСПЕШНИ И ПОЧИТУВАНИ Сопругата на претседателот Пендаровски на Меѓународниот ден на жената од руралната средина
На настанот се промовираа успешни приказни за жени од руралните средини и нивните бизниси.
Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената од руралната средина, настан што го организира Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.
Ѓоргиевска во своето обраќање рече дека постигнувањето на целосна рамноправност на руралната жена во општеството преку обезбедување на социјален развој, економска самостојност, поддршка за женско лидерство и развој на заедницата преку потенцијалот и перспективата на руралната жена, е неопходност на глобално ниво.
Таа посочи дека руралните жени, кои традиционално го прехрануваат семејството, играат клучна улога во обезбеденоста на домаќинствата со храна и се основа на руралната економија работејќи како земјоделци, сезонски работници, но и рурални претприемачи. Ѓоргиевска порача дека е потребно да се истакне потребата од економско јакнење на руралната жена, нејзино поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики, како и заедничката борба против дискриминацијата и традиционалните бариери кои најчесто се пречка за едукацијата и развојот на руралните жени.
Сопругата на Претседателот во обраќањето ја изрази нејзината поддршка и заложба за изградба на родово-сензитивно општество и подеднакво учество на жените од руралните средини во секој животен и општествен сегмент.
На настанот се одржа и јавна дискусија „Улогата на руралната жена во економскиот развој на руралните средини” и се промовираа успешни приказни за жени од руралните средини и нивните бизниси.