ДАЛИ ДРЖАВАТА ЌЕ ГИ ПРЕЗЕМЕ ТОПЛАНИТЕ? Ковачевски ветува дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври
Со Србија во тек се договори за размена на гас за струја, која ќе се произведува во термоцентралата Те-То. Училиштата и малите компании ќе добијат повластена цена на струјата, во однос на берзанската, а домаќинствата ќе плаќаат само 20 отсто од цената.
На 15 октомври почнува грајната сезона за граѓаните на Скопје, за што се обезбедени финансисики средства за континуирано снабдување со енергенси – соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски на вонредна прес-конференција во Владата.
Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ, рече премиерот Ковачевски.
– Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна Ковачевски.
Тој рече дека владата ќе субвенционира речиси 80 отсто од цената на струјата за домаќинствата, во споредба со берзанската цена. Според Ковачевски, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.
– Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава, без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини – нагласи премиерот.
Премиерот Ковачевски на прашања на новинарите ги потврди претходните изјави на владиниот советник Виктор Андонов дека во тек се преговори со Србија за размена за гас за електрична енергија, произведена во нашата когенеративна термоелектрана Те-То, која ќе го користи тој гас за произвдоство на струја. На забелешките дека тоа може да биде спротивно на договорот на Србија со Газпром, според кој Србија не смее да го препродава рускиот гас на трети земји, Ковачевски рече дека не станува збор за продажба туку за размена на енергенси. Останува да се види последниот збор на експертите, во врска со можностите за ваква размена и за цените кои може да се постигнат – рече Ковачевски.
– Ние ги имаме донесено сите одлуки и одобрено меморандум за соработка. Не се работи за купопродажба на гас туку за размена на гас за електрична енергија зашто ние имаме когенеративна централа која работи на гас. Србија има резерви односно складишта на гас кои може да бидат искористени за производство на електрична енергија во нашата централа. Врз основа на договор, кој се преговара и не е се уште финален, зашто од Србија треба да се проверат сите претпоставки за негово успешно реализирање, ќе биде доколку за тоа постојат 100 проценти шанси да биде реализирано. Нашите тимови и во моментов преговараат, ќе продолжат и утре и штом ќе имаме резултат, ќе им биде соопштено на граѓаните – рече Ковачевски.
Во тек се преговори помеѓу „Адора” и ЕСМ, кој треба да го преземе затоплувањето на Скопје, и согласно Законот за енергетика топланите ќе бидат ставени во функција за загревање на градот, рече Ковачевски. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека државата ќе ги преземе топланите согласно член 6 од Законот за енергетика и ќе го плаќа закупот кој следува со методологијата на Регулаторната комисија. Со оглед дека „Адора” инсистира за продажба на топланите, премиерот посочи дека продажбата се прави врз основа на постапка.
– ЕСМ е државна компанија односно акционерско друштво во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одреден инвестициски објект, согласно со закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување договор и преземање на сопственоста и управувањето комплетно со топланите, зашто тие се дел од системот на затоплување на градот Скопје, рече премиерот.
Ковачевски појасни дека според законите за енергетика и за управување со кризи ќе се изврши преземање на топланите и затоплување на Скопје со плаќање на сите надоместоци на сопствениот кои следуваат во такви услови.
Во однос на денешната презентација на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со понуда на контакти за набавка на енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството, премиерот одговори дека опозицискиот лидер внимателно ги следел сите негови прес-конференции и на владиниот економски тим на оваа тема и дека денеска направил, како што рече, добар сублимат од тоа што тие го имаат кажувано.
-Владата донесе конкретни мерки и јас ги повикувам пратениците утре да ги изгласаат законите потребни за непречено снабдување со енергенси на граѓаните – додаде Ковачевски
На вонредната прес-конференција во Владата вечерва, покрај Ковачевски, присутни беа и вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.