Вториот погреб на демократијата
Современиот деспотизам од македонски тип, на пример, го видовме токму пред некој ден со самоволното отфрлање на иницијативата за референдум и, особено, со дрското и безобразно „толкување“ на истото од претседателот на собранието. Во што е овој „чин“ различен од она исфрлање на опозицијата од собранието на 24 декември 2012 година?
Ние дефинитивно го живееме „мрачното време“ на министерката за култура, не мора да го бараме во минатото. Зашто, по актуелните случувања во собранието (малите букви се одраз на неговото реноме деновиве) со иницијативата за референдумот, веќе не говориме за хибриден режим или квазидемократија туку за јавно, на очиглед на сите, практикуван облик на деспотизам манифестиран од власта и првиот човек на собранието.
И тоа не е само „figure of speech“ или вештачко накалемување на ригидни форми врз „кревкиот“ грб на македонската (квази)демократија – иако зборот партократија е посоодветен! – туку станува збор за отворено манифестирање на тој типичен средновековен владетелски концепт во современи услови. Тој што ќе приговори дека ние со современиот свет имаме сѐ помалку допирни точки, ќе биде во право, но ова е наше совремие и ние не можеме да избегаме од него.
Но, во случајов, најмалку (ако воопшто) има (како што некои сакаат да подметнуваат!) некаква жал за „пропаднатиот референдум“, туку запрепастеност, па и страв, ако баш сакате, од налетот на примитивизмот, деспотизмот, самобендисаноста. И просто е за неверување како нашите дежурни апаратчици тоа така „глатко“ го прескокнуваат, но „се лепат“ за жалта што, ете, нема да има референдум!
Но, впрочем токму на таква почва, во такви погодни услови и расте, цути таквиот тип деспотизам и политичко насилие. Не дека Европа не го познава(ла) деспотизмот. Чаушеску и Тодор Живков беа едни од последните, па сепак нивните земји така експресно станаа членки на ЕУ. Сталин, вели историјата, бил типичен претставник на овој поим, а всушност многумина го гледаат и како учител на претходно спомнатите двајца деспоти во социјалистичко руво.
Многумина го сместуваат и Тито во таа категорија „владетели“. Сепак, има и спротивставени мислења и големи разлики во однос на спомнатите, ако не повеќе тогаш барем во интелигенцијата, широчината на познавања, рафинманот, начинот на практикувањето на власта итн. Оние другине беа – простаци, простотијата им излегуваше „од уши“! А впрочем, екс-Југославија никогаш и не беше тоталитарен режим како Русија, Бугарија, Романија и др. Дека тоа е точно сведочат сѐ уште живите слики од погребот на Тито, со присуство на сите светски државници кои нешто значеа во политиката во тоа време. Простете, но ни актуелниот погреб на Елизабета Втора не може да го достигне тоа. А би сакале, очигледно е тоа, нели.
А впрочем, не дека ни ние, во „демократијава“, само пред една година, немавме „блиски контакти“ со истиот тип деспотско однесување, од истиот протагонист.
„Талат Џафери го прекрши Уставот со тоа што се обрати во Европскиот парламент на албански јазик. Имаше три сесии, на двете се обрати на македонски, на третата на албански. Нема да побарам одговорност, очекувам од претседателот да објасни. Политичарите треба да тргнеме од себе и да бидеме пример како треба да се однесуваме, односно да го почитуваме Уставот”, коментирал тогаш екс-премиерот Заев. И не побарал одговорност!
Како што никој од владејачката коалиција ни сега нема да побара одговорност од истиот човек за исто, или слично, деспотско, насилничко однесување. Како што никој не побара одговорност ни кога ги пцуеше собраниските службеници, ни кога им се закануваше на пратениците итн.
Дилемата дали авторитарниот/тоталитарниот режим го раѓа деспотот, или деспотот креира тоталитарно опкружување е вештачка. Режим не се создава сам од себе, како што впрочем македонските авторитарни/тоталитарни режими од 2006 година наваму не беа самосоздадени. Деспотскиот менталитет на властодржецот – или партискиот лидер, како сакате – е креаторот на режимот во сите негови пројавни форми.
Впрочем, тоталитарните режими, или денес нагалено викани „хибридни режими“, одамна не се енигма за историјата. Познато е дека нивната моќ лежи во силата на организацијата на партијата и институциите. И Сталин ги гледал институциите како „трансмисиски каиш што ја поврзува партијата со луѓето“ и, велат, искрено верувал дека највредното во Советскиот сојуз не се богатството на земјата и продуктивните капацитети туку – кадрите на партијата!
Па и Хитлер, for that matter, уште во 1929 година ја согледал „големината“ на фактот дека шеесетина илјади луѓе „по надворешниот изглед станале единствени, дека всушност тие членови се униформа не само по идеите туку дека и нивната фацијална експресија е речиси иста“ (Хана Арент).
Но, историјата и историчноста на постапките се дел од знаењето на просветените држави, на умните и образовани политичари кои во минатото ги пронаоѓаат добрите но и лошите примери во практикувањето на власта. Ако умеат, се разбира, и ако знаат!
Секако, јас овде не говорам за оној облик на средновековен деспотизам со камшикување или сечење раце, со наметнување дури и данок во крв, со робови и робинки… и др. Современиот деспот не држи сабја или камшик во раката, но ги држи најважаните институции низ коишто ја спроведува својата волја! И ја наметнува на целата држава со „оправдувањето“ дека спроведува Устав и закони, наспроти пропишаните процедури, надлежните институции, експертската јавност итн. Сите тие стануваат подредени на волјата на еден или повеќемина во самиот врв на власта, подржани од нивните партии.
Современиот деспотизам од македонски тип, на пример, го видовме токму пред некој ден со самоволното отфрлање на иницијативата за референдум и, особено, со дрското и безобразно „толкување“ на истото од претседателот на собранието. А со него побрза да се согласи и собранискиот координатор на најголемата македонска партија во коалицијата!
И тој тип на соучесништво во деспотизмот, тој тип на оправдување на политичкото насилство во законодавниот дом, е можеби уште пострашната страна на спомнатиот „чин“ на претседателот на собранието. Недостасуваше само аплауз. А можеби и го имало, само во собраниските партиски канцеларии, скриен од погледот на јавност? Што пак ќе каже дека се свесни за срамот, за насилието, за прескокнувањето на процедурите и укинувањето на демократијата!
И тогаш, се наметнува прашањето: во што е овој „чин“ различен од она исфрлање на опозицијата од собранието на 24 декември 2012 година?
И повторно еден цитат: „Две години по смртта на парламентарната демократија во Македонија, пред овој споменик на ‘црниот понеделник’, порачуваме – ќе ставиме точка на намерата на власта да продолжи до конечната пресметка со слободата на говорот, со демократијата, со слободата на избор на граѓаните“, изјавил Зоран Заев, (тогаш) лидер на опозицијата. А фамозниот „споменик“ бил парче картон со порака „Парламентарна демократија 8 јануари 1991 – 24 декември 2012“!
Сега, на (речиси) десетгодишнината од тоа погребување на демократијата, оваа коалиција, со парите акумулирани низ овие пет години, би можела/требала да подигне барем попристоен споменик на втората смрт на демократијата во „Нашата земја“!
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com