Време е Македонија да стегне вето
Па дајте бре малку и ние да се забавуваме. Ајде сега тие малку да нѐ молат, а ние да им возвраќаме со незаинтересираност. Тие малку да прашуваат кога, а ние да ги тапкаме по рамото и да им велиме: ќе биде! А зарем имаме друга попаметна работа? Зарем имаме нешто попродуктивно за правење во следните неколку децении додека го чекаме датумот за датумот?
Кој што сака нека каже, ама прилично примамлив и вреден за разгледување е предлогот од лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за Македонија да им стегне вето на Шведска и на Финска за членство во НАТО.
По сѐ изгледа, Стевчо, ваков или таков, очигледно го поседува она меѓу нозете за коешто многумина наши политичари се дефицитарни, а кои, пак, за наша огромна жал, се директно вклучени во процесот на кроење на европската иднина на Македонија. Или, кажано со прости зборови, Стевчо меѓу нозете го поседува тоа што претседателот Стево Пендаровски неодамна го бараше кај еден друг лидер на политичка партија, а за кое сѐ уште немаме информација дали е пронајдено.
Искрено жалам што воопшто дојде ред да споделувам идеи од Стевчо, ама оваа негова поента, признавам, му вреди за сите станови!
Стевчо вели: „Предлагам Македонија сега да го искористи правото на вето за влез на Финска и на Шведска во НАТО, со јасно ставање до знаење дека причината за таквиот чекор е бугарската блокада на нашиот пат кон ЕУ. Не сме само ние осудени во светот, за само ние вета да кркаме. Вето ќе си добијат и Шведска и Финска за влезот во НАТО. И ќе им кажеме јасно, ветото не го ставивме ние, туку го стави Бугарија. Ај ве молам решетe си го проблемот со Бугарија за членството на Македонија во Европска Унија, а ние ќе го тргнеме ветото. Ако не го решите, тогаш ние не го тргаме ветото, затоа што, нели, така нѐ лажеа“.
Идеално. Фраерски. Совршено. Право во центар.
Па дајте бре малку и ние да се забавуваме. Ајде сега тие малку да нѐ молат, а ние да им возвраќаме со незаинтересираност. Тие малку да прашуваат кога, а ние да ги тапкаме по рамото и да им велиме: ќе биде!
А зарем имаме друга попаметна работа? Зарем имаме нешто попродуктивно за правење во следните неколку децении, додека го чекаме датумот за датумот?
Но, не! Сепак, не бидува ништо од ова. Не е изводливо. За малку ќе заборавев. Има една многу важна работа што му недостига на предлогот: мадиња.
А како што пишав погоре, нашиве се троа ситнички во тој дел. Тоа е така затоа што нашиве се полтрони. Не, тие се послушници. Тие никогаш не ни слушнале финта или добар виц, а камоли да направат некаков штос. Нашиве се намќори. Не знаат ни да се смеат. Досадни се. И вообразени. Во школо не давале лист од средина, ете такви се. Кога играле „кантер-страјк“ на „итали кецот“, никогаш не ја пукале кокошката на пазарчето – за да не ги кара некој!
И, оп, кога сме веќе тука со муабетот, стигнува реакција од вицепремиерот Бојан Маричиќ за предлогот на Јакимовски: „Не би било чесно да блокираме пријателски земји само за да направиме притисок врз Бугарија”.
Замисли бе, овој нашол да зборува за чесност! Овој! Овој кој троши по една нова кола годишно само за јадење бифтеци и лососи по кафани на државна сметка. Овој!
Врати се Тиле, сѐ ти е простено!