Кој е овде навистина мал и неспособен?

Македонската политика, за жал, сѐ уште живее во некои прастари магловити времиња сметајќи на мирнотијата, дури апатичноста, на лековерноста и кооперативноста на македонскиот народ. Тоа е така бидејќи профилот на македонскиот политичар од година в година опаѓа, дегенерира, како впрочем и неговиот морал и етиката, стручноста и професионалноста… а прогресира кримогеноста, коруптивноста, неморалот, профитерството.

733

Ако онаа „една реченица плус“ му донесе доволно плусеви на претседателот на државата поради разумното барање и (дури) смелоста тоа да го искаже јавно, другите делови од неговото „судбоносно“ обраќање повторно нѐ вратија во реалноста и т.н. реалполитика. Онаа реалност којашто не можеме, (дури) не смееме да ја прифатиме, еднакво како оној проклет Протокол со кој нашиве малоумници (дури) се гордеат. Зашто, ако ја прифатиме таа „реалност“ – или обете „реалности“ – тогаш ние нема за што веќе да разговараме во оваа држава а политикантиве слободно можат да го изгаснат светлото и да прават што сакаат. Иако, де факто, тоа и досега беше изгаснато!

Елем, што друго ни порача претседателот? Тој децидно рече: „Држава со 1,8 милиони жители, просечна плата од петстотини евра, толку може од позиција на кандидат за членство“.






Вакво јавно, на прес конференција обзнането „признание“, современата политика нема слушнато! И јас, сега и овде, можам да фрлам дрвја и камења по Пендаровски и да го наречам со секакви имиња. Ако треба, се разбира. Но, на таква искрена констатација не можете да се лутите и да се навредувате. Иако тој, претседателот лично, јавно нѐ навреди сите кои се вбројуваме во оние „1,8 милиони жители“.

Но тоа не е баш така, нели? Тој тоа го знае, само немаше доволно смелост да ја упати репликата на вистинската адреса. Зашто, ние, овие „1,8 милиони жители“, не учествувавме во креирањето на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, ниту пак во подготовката на проклетиот Протокол (што наводно не постои иако сите веќе го прочитале).

Исто така, ние, овие „1,8 милиони жители“, не управува(в)ме со земјава цели три децении туку тоа го прават горе-долу истите партии и ваму-таму истите ликови. Ние ли го изградивме она „СК 2014“, ние ли го градиме проклетион автопат веќе седма година, ние ли сме виновни за модуларната болница во Тетово, за безумното ширење на пандемијата заради личните лукративни интереси на поединци, ние ли го упропастивме Охрид… итн.?

Претседателот сакаше да биде пристоен кон политиката, но не и кон нас избегнувајќи прецизно да ја лоцира неспособноста која што ја спомна, а таа сигурно не се однесува на овие „1,8 милиони жители“!

А ако не сме „ние“, кој е неспособниот, кој го креираше Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и Протоколот, кој управува со земјава цели три децении, чии се (не)делата што погоре ги спомнав и што се само врвот од сантата мраз што плови низ земјава? Дали покажувањето со прст на претседателот се однесува всушност на оние 0,1% партиски врхушки што роварат низ државава триесет години? Колкумина на број се сменуваа на највисоките раководни позиции во државава и колкумина партиски пулени ги следеа на клучните места, демонстрирајќи ја патем целата нивна неспособност што денес кулминира?

Помислува ли претседателот дека, по автоматизам, и тој е опфатен во таа бројка?

Но, македонската политика, уште од времето на Гошев и Пешев, целосно заборави што значи зборот одговорност, отчетност, морал/етика… На екс министерот за здравство му изгоре цела модуларна болница сосе пациентите во неа, а тој го обвини – кабелот! На министерот за транспорт и на директорот на царина пред носот 200 пати им поминувале автобуси полни патници но со нерегуларни документи за меѓународен транспорт, за на крајот да им загине цел еден автобус, но тие го обвинија – автопатот. Барајќи го виновникот за македонскиот енергетски колапс, дивеењето на цените и двоцифрената инфлација, македонската влада веднаш се снајде – покажа со прстот кон Русија. Ама за охридската урбана, културна и еколошка катаклизма, така убаво навезена во заклучоците на онаа Надзорна расправа за Охрид во 2018 година, не можеше да се најде виновник зашто претседателката на собраниската Комисија за култура ја направија – министерка! Итн., итн.

Македонската политика, за жал, сѐ уште живее во некои прастари магловити времиња сметајќи на мирнотијата, дури апатичноста, на лековерноста и кооперативноста на македонскиот народ. Тоа е така бидејќи профилот на македонскиот политичар од година в година опаѓа, дегенерира, како впрочем и неговиот морал и етиката, стручноста и професионалноста… а прогресира кримогеноста, коруптивноста, неморалот, профитерството.

Затоа околу себе собираат апаратчици и „експерти“ со сличен менталитет и пазарџиска логика за да им го чуваат грбот. Затоа, впрочем, и ова постојано трубење за малоста на државата и народот, за нашата безначајност во рамките на глобалните политики, за нашата сиромашност…

Но, како што вели рускиот пост-сталинистички писател Дудинцев (Влади́мир Дми́триевич Дуди́нцев), „кога човек еднаш ќе почне да мисли, не може да му се ускрати слободата“!

Ние, додуша, сѐ уште делумно мислиме со партизираниот ум, но тоа е данокот на овие триесет години партократска пресија. И таа „болест“ полека (ќе) поминува. Штета што деновиве не се претворија во доказ за тоа туку добија непријатна агресивна нота на повторни партиски изливи. Да се надеваме дека ќе ги има сѐ помалку зашто тие ја киднапираат демократската мисла. Слободниот човек сѐ помалку (ќе) им верува на партиските лидерчиња и калкулантскине апаратчици, оние кои речиси секојдневно ни проповедаат дека за малите држави/народи не важат истите правила како и за големите, дека тие, малите, можат да бидат плукани, пцуени, тепани и искористувани, дека малите народи се малтене осудени да се провираат низ некакви глувчешки дупки за да преживеат…

А зошто сето тоа, за да се оправда неспособната локална политика и да ѝ се дадат нови и нови шанси? Па малку ли ги имаше?

Извинете, но (и) тоа е форма на специјална војна во која што со намера се подрива моралот на народот, неговото самочувство, патриотизам и борбеност за својата иднина и иднината на своите деца. Тоа се подли, ненаучни и нестручни подметнувања кои немаат ама баш никаква врска со реалниот свет. Со македонскиот, овој што ни го наметнуваат, можеби имаат, но тоа е мало парче мрачен свет, како што се мали и мрачни и нивните души!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини