ДОБРЕДОЈДОВТЕ, БЛАГОСЛОВЕТЕ НЀ И БИДЕТЕ БЛАГОСЛОВЕНИ! Порфириј, Стефан и Јован со понизност и верба во чудо си простија за длабоките рани

Со понизност, со љубов и верба дека се случило чудо денеска во храмот „Свети Сава“ се оконча 55-годишниот спор помеѓу МПЦ и СПЦ, со што Охридската архиепископија влезе во канонско единство со сите православни цркви.

1,214
(Специјално од Белград известува Мартин Богатиноски)

 






Добредојдовте, благословете нѐ и пренесете го нашиот благослов на вашите верници. Да живееме многу години, порача српскиот патријарх Порфириј во говорот на крајот од заедничката литургија со македонскиот поглавар Стефан, денеска во храмот „Свети Сава“ во Белград.

– Радувајте се, денеска црквата е исполнета! Денес е ден кој го створи Бог, сите едно да бидат, тоа од нас господ го сака. Една е црквата, зашто господ е еден. Со една вера ние градиме единство. Чувајќи еден единствен поредок ја чуваме својата вера. Нема единство без вера во бога, но и без учествување во ист поредок, кое што ние го нарекуваме канони. Единството извира од светата литургија, се манифестира и се потврдува во неа. Единството е светост. Не треба да не чуди што силите на овој свет кои се против Христа, демонските сили сѐ ќе прифатат освен единството. Ним им треба поларизарција, расцеп, сакаат да го искинат во нас, да ја разбијат на делови психосоматската и духовна целина, а понатаму и единството во семејството. Нашата цел е да го исполниме зборот на Христа да бидеме едно. Може понекогаш да промашиме, да не го чуеме зборот Христов, да паднеме, да погрешиме, но знаеме дека да паднеме е човечки, но ако останеме во падот и во промашувањето, тогаш потврдувме дека сме останале во нешто што не е човек. Човечки е да се падне, но уште поголема е славата ако станеме. Имавме раскол кој траеше 55 године со нашите браќа од Македонија и таа рана беше длабока и болеше. Со таа рана размислувавме, легнуваме и станувавме во исчекување и копнеж да зацели. Затоа велам дека тоа е чудо, чудо божје. Тоа е дар божји. Разбравме дека раната е нанесена со нашите постапки и затоа се обративме на господ и на свети Сава да го направат тоа што нам не ни поаѓа од рака. И во тој момент кога помисливме така се случи чудо неочекувано. Нашата радост е неизмерна, изобилна. Срцето на верниот и честит народ чука и особено сега силно чука за сите нас и заедно со нас, во ритмот на Христа. Тоа ни покажува дека Господ нѐ погледна, дека Господ нѐ помилува. И еве денес сме заедно во овој свет храм и иако знаеме дека црквата е пирамидално устроена се сложивме нашето делување да биде обратна пирамида а нашиот народ да биде на вровот а ние на дното да служиме во сѐ. Да бидеме мали и во нас да расте црквата и Христа – рече Порфириј.

Поглаварот Стефан рече дека сме радосни како народи и цркви за оваа нова своевидна пасха на премин кон канонско општење со православниот свет.

– Наидовме на братољубиво разбирање и кај неговата светот партријархот Порфириј. Да му благодариме на бога што не по наша заслуга туку со негова помош сме учесници во дело што ќе го забележи историјата на црквата. Веруваме дека деновиве ќе доживееме полна радост заедно со вас, знаеме дека сте подготвени уште на овој собор повеќедецениската тага да се претвори во радост. Свесни сме дека сме повикани да се облечеме во љубов и дека треба да сме благодарни. Ги разбираме задачите кои ни претстојат пред нашата архиепископија. Наоѓајќи се во канонско единство ќе продолжиме уште повеќе да растеме како црква. Ваша светост сакаме особено вам да ви заблагодариме за покажаната братска љубов и добра волја а пред сѐ за грижата за црквата христова, за иницијативата да се сретнеме и да дадеме предлози за надминување на спорот меѓу нашите две цркви – рече поглаварот Стефан.

 


Се обрати и владиката Јован на ПОА.

Не знам кога сум бил посреќен. Дали денес или кога покојниот српски патријарх Павле ми го додели Томосот за автономија на ПОА. Ѝ давам предност на денешната радост. На ова општење се оствари заедништво со браќата со кои не бевме во евхаристијско општење. Овој ден го створи господ да се радуваме и веселиме во него. Треба да им се даде големо признание на архиереите од МПЦ кои издржаа неразумни и противцрковни притисоци. Би се заблагодарал на верниците кои издржаа тешки услови на постоење под закани за затворања и гонење, не можам денес да не им заблагодарам на нивната 20-годишна жртва. Најголема благодарност им упатувам на Порфириј и на Стефан, на првиот за добрата волја и големата упорност, а на вториот за спремноста за лична жртва да ги поднесе оговарањата на нецрковните луѓе во Македонија – рече владиката Јован од ПОА.

Поврзани содржини