МПЦ-ОА МУ ОДГОВОРИ НА ВУЧИЌ ЗА ИЗЈАВАТА „СРПСКАТА ЦРКВА Е ИСТА“ Ги отфрламе сите политички и идеолошки платформи, од каде и да доаѓаат
Синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија реагираше по изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „Српската црква е иста“ и во Скопје.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „Српската црква е секаде иста“ притоа спомнувајќи го и Скопје. Синодот порача дека МПЦ-ОА ја извршува својата духовна и пастирска мисија на сопствената канонска територија и дека ги отфрла сите политички и идеолошки платформи, од каде и да доаѓаат.
Синодот потсетува дека како наследничка на Јустинијана Прва и на обновената Охридска Архиепископија, Македонската православна црква– ОА ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност.
„Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста кон духовниот живот на македонскиот народ, таа останува Црква отворена за сите, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби. МПЦ – ОА ги отфрла сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат“, се нагласува во соопштението.
Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна изјави вака:
– Српската црква е една и иста. Таа е иста и во „во Мркоњиќ-град, Пирот, Сиднеј, Скопје, Франкфурт, Мелбурн и на секое друго место во светот.
СПЦ имаше јурисдикција врз епархиите во Македонија до 1967 година кога МПЦ-ОА прогласи автокефалност, а која од Белград беше признаена во 2022 година.