📽️ ТУРИСТИТЕ НА ХАЛКИДИКИ СЕ ЕВАКУИРААТ СО БРОДОВИ ОД ПОЖАРОТ Автобусите брзаат кон Сивири и Фурка за да ги земат граѓаните
Повеќе од 347 лица веќе се пренесени до марината Сани, додека уште околу 92 се качиле на брод. Евакуацијата продолжува и по копно поради големиот пожар кај Сивири и Фурка.
Големата евакуација на Халкидики се префрли и на море. Туристите и жителите се извлекуваат со бродови од подрачјето погодено од пожарот кај Сивири и Фурка.
Повеќе од 347 лица веќе се безбедно пренесени до марината Сани, објавија грчките медиуми.
Уште околу 92 лица се качиле на бродот „Спидранер џет“.Во поморската операција се вклучени два брода на крајбрежната стража и два на противпожарната служба. Помагаат и приватни пловила, три рибарски и еден туристички брод.
Истовремено продолжува евакуацијата и по копно. Автобуси се упатени кон Сивири и кон Фурка за да ги преземат граѓаните и туристите.
„Автобусите на автобуската служба на Халкидики брзаат кон Сивири и Фурка за да ги земат граѓаните поради големиот пожар што гори во областа“, објавија грчките медиуми.
Во акцијата за гаснење на терен се ангажирани 122 пожарникари, меѓу кои три специјализирани тимови за шумски пожари, како и 41 противпожарно возило, објави 4news.mk Од воздух интервенираат дури 9 авиони и 7 хеликоптери (од кои еден има координативна улога). Како поддршка во операцијата се вклучени и цистерни на локалните власти и тешка градежна механизација. Преку грчкиот систем за итни предупредувања „112“ беше испратена порака до сите што се наоѓаат во Сивири со насоки за итна евакуација кон Мола Калива.
Познатиот македонски композитор Дарко Димитров за порталот Црнобело испрати снимки од пожарот од Сивири. Тој вели дека пораките за евакуација се добиени, но дека има гужва на главниот пат.
Според снимките, пламените јазици стигнале прилично блиску до куќите во местото. Жителите на Сивири и во Фурка денеска добиле СМС пораки за евакуација од бројот 112.