ИЗБЕГНАЛЕ ДАНОК ОД НАД 377.000 ЕВРА Подигале пари од фирма, не пријавувале позајмици и присвоиле стока
Во текот на 2022 и 2023 година биле подигнати пари без покритие, не биле евидентирани позајмици и застарени обврски, а била присвоена и стока од залиха.
Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против две физички лица, од кои едното е сопственик и управител на правно лице, како и против уште едно ополномоштено лице и самото правно лице, поради сомнение за даночно затајување. Според пријавата, со нивните дејствија бил избегнат данок во вкупен износ од 23.252.988 денари или 377.000 евра, со што бил оштетен државниот буџет.
Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик.
Според Финансиската полиција, првопријавениот Т.П., во својство на ополномоштено лице, во соработка со второпријавената З.П., сопственичка и управителка на третопријавеното правно лице, кое е во стечај, во текот на 2022 и 2023 година преземале дејствија со однапред утврдена намера да стекнат противправна имотна корист за себе и за правното лице.
Имено, од сметката на фирмата подигнале 8.912.345 денари без соодветно покритие. Исто така, дадените позајмици на физички лица, во вкупен износ од 21.742.806 денари, не ги евидентирале како непризнаени расходи за даночни цели во даночните биланси.
Дополнително, застарените обврски од 148.489.312 денари не биле прикажани како приходи во даночниот биланс за 2023 година. Според пријавата, пријавените неосновано присвоиле и трговска стока евидентирана на залиха, во вредност од 14.937.751 денар, без да ги подмират соодветните даночни обврски.
Со овие дејствија, според Финансиската полиција, биле избегнати пресметувањето, пријавувањето и плаќањето данок на личен доход, данок на добивка и данок на додадена вредност во вкупен износ од 23.252.988 денари, со што бил оштетен Буџетот на Република Македонија.