КРИВОЛАК ИМА ОГРОМЕН ПОТЕНЦИЈАЛ Генерал мајор Ендрусјак со позитивна оценка за полигонот и за вежбата „Swift Response 22“

Продолжуваме со инвестиции во Криволак, во модернизација на опремата, но најважно инвестираме во човечките капацитети во нивна висока мотивација. Овие нешта се високо на агендата на Министерството за одбрана и на Генералштабот, потенцирала министерката Петровска, соопштија од МО.

202

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Министерството за одбрана остварија средба со заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал мајор Петер Ендрусјак.

Петровска на средбата изразила благодарност за присуството на генералот на досега најголемата вежба „Swift Response 22“ одржана во Република Северна Македонија и задоволство од денешниот приказ и реализација на Армискиот полигон „Криволак“.






Таа најавила дека ќе се продолжи со сериозни инвестиции на овој полигон кој ќе нуди можност за изведување и реализација на различни видови вежбовни активности и на кој може истовремено да се зајакнува интероперативноста помеѓу армиите.

– Продолжуваме со инвестиции во Криволак, во модернизација на опремата, но најважно инвестираме во човечките капацитети во нивна висока мотивација. Овие нешта се високо на агендата на Министерството за одбрана и на Генералштабот – потенцирала министерката Петровска, соопштија од МО.

Петровска ја истакнала улогата на САД како наш стратешки партнер, сојузник и пријател, преку разни иницијативи во одбраната, но и на севкупната политичка поддршка во поглед на членството во НАТО и ЕУ.

Кон крајот на овој месец, информирала, нашите две земји ќе го започнат Стратегискиот дијалог кој опфаќа широк спектар на теми и кој уште повеќе ќе го подигне нивото на соработка.

Генералот Ендрусјак упатил благодарност за поканата и за тоа што денеска беше дел од оваа активност, како и честитки за начинот на кој беше планирана и изведена вежбата. Тој додал дека сето она што се планира за одбраната во поглед на модернизацијата и инвестициите во капацитетите е од особена важност за војниците.

Во однос на АП „Криволак“ потенцирал дека има огромен потенцијал.

Генералот Ѓурчиновски на средбата порачал дека во последнава година и половина многу е направено во поглед на планирањето и реализацијата на вежбата. Ѓурчиновски истакнал дека Министерството и Генералштабот активно работат на приоритетите зацртани согласно плановите за да имаме модерна опрема и војници подготвени и способни да извршуваат НАТО предводени мисии.

Поврзани содржини