„ОТВОРЕН БАЛКАН“ НЕ СЕ САМО КАМИОНИТЕ ДА НЕ ЧЕКААТ НА ГРАНИЦИТЕ Земјите го решаваат и проблемот со храната и високите цени

Охрабрува исклучителната конструктивност на сите што се дел од Иницијативата „Отворен „Балкан“, желбата да се соработува и да се изнајдат конкретни, опипливи решенија.

400

„Отворен Балкан“ значително го забрза протокот на стоки. На граничниот премин Табановце – Прешево камионите ги минуваат царинските и полициските контроли за помалку од 4 минути, а целиот процес на проверки и пропуштање, заедно со ветеринарните и фитосанитарните инспекции, не трае повеќе од половина час.

Ова го истакнаа Зоран Јовановски од Стопанската комора и претседателот на српската Стопанска комора Марко Чадеж по работниот состанок на Табановце – Прешево со своите економски тимови.






Тенденцијата на „Отворен Балкан“ е слободен проток, изјавија Јовановски и Чадеж, а на двата премина, и на Табановце – Прешево и на Ќафасан – Ќафтане кој исто така денеска ќе го посетат, наскоро ќе бидат ставени посебни табли и линии за камионите од трите земји – членки на Иницијативата, Србија, Албанија и Северна Македонија.

 

-Предноста на „Отворен Балкан“ не е тоа што камионите нема да чекаат долго или воопшто, туку соработката меѓу трите земји во однос на снабдувањето на храната и нејзината безбедност, снабдувањето со основни животни намирници,… Тоа се големи работи – да не размислуваме дали имаме масло, брашно, шеќер или жито зашто секој од нас нешто има. Ако сме се согласиле дека ќе си помагаме, тоа и да го правиме. Во однос на храната која навистина е проблем и цената на пазарот кој остана без добар дел од количините кои доаѓаа од Русија, Украина, Белорусија, кога е во прашање „Отворен Балкан“ резултатите се гледаат – граѓаните на нашите земји не мора да размислуваат за работи за кои многу земји мора да размислуваат – нагласи Чадеж.

Според Јовановски, охрабрува исклучителната конструктивност на сите што се дел од Иницијативата „Отворен „Балкан“, желбата да се соработува и да се изнајдат конкретни, опипливи решенија.

– Фокусот на „Отворен Балкан“ да се испорачуваат конкретни резултати, е она што ја одвојува оваа Иницијатива од некои претходни што сме ги имале. Се што е проблем да се идентификува и да се најде решение – тоа е сега фокусот, а сите инволвирани страни се конструктивни – потенцира Јовановски.

 

На прашањето како во овие кризни услови трите земји може да си помогнат, Јовановски одговори – преку се што ги олеснува условите за водење бизнис.

– Во време на криза како актуелната, може да си олесниме преку намалување на трошоците за бизнис секторот, преку овозможување поголем проток на стоките и поминување на границите. Така се штеди време, а времето е пари. На тој начин ќе се продават и производите поевтино, ќе се постигне поголема конкурентност. Значи, се што ги олеснува условите за водење бизнис – рече Јовановски.

Економските тимови на српската и македонската стопанска комора, предводени од Чадеж и Јовановски, на работнот состанок разговарале како уште можат да помогнат за дополнително да го намалат и онака скратеното време на чекање на Табановце.

– Разговаравме како уште можеме да помогнеме – да донесеме контејнери кога е во прашање фитосанитарната и ветеринарната служба, да видиме како да го прошириме протокот, размената на информации зашто доаѓа до забавување на системот кога е голема фреквенцијата. Тоа е од интерес за двете земји зашто заштедува пари – информира Чадеж.

 

Според податоците на коморите, Табановце – Прешево е најбрз премин по проток на стоки од останатите меѓу трите земји. Дневно тука поминуваат по околу 600 камиони, а лани вкупната бројка била 22 000 камиони.

– Кога камион кога ќе дојде, не се задржува подолго од 4 минути. Заедно со ветеринарните инспекции процесот се завршува за помалку од половина час. Тоа е голем напредок – подвлече претседателот на српската Стопанска комора.

Во тек е средба на претставници на шпедиции кои финкционираат на двата премина, со претставниците од двете стопански комори.

За попладнево е закажана и обиколка на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане.

Поврзани содржини