ЛАВРОВ ЈА СПОРЕДИ АМЕРИКА СО ХИТЛЕР Третата светска војна ќе биде нуклеарна
Наполеон и Хитлер имаа за цел да ја стават цела Европа под своја контрола. Сега Американците сакаат да го направат тоа, рече рускиот министер за надворешни работи.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека американскиот претседател Џо Бајден рекол дека единствената алтернатива на санкциите е трета светска војна, на што тој се надоврза и порача дека трета светска војна може да биде само „нуклеарна војна“.
Тој вели дека тоа е само во главите на западните политичари – и не е во главите на рускиот народ, пренесува Би-Би-Си.
– Ако се води вистинска војна против нас, тогаш оние што прават такви планови треба да размислат за тоа, а според мене такви планови се прават, изјави тој на денешната прес-конференција во Москва, која се уште е во тек. Нашата цел е да се ослободиме од нацистите во Украина – рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, додавајќи дека преговорите меѓу украинските и руските сили ќе се одржат денеска. Тој додаде дека преговорите може да се водат „под услов на рамноправност“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на денешната прес-конференција рече дека е сигурен дека нивните партнери од Западот ќе се смират и ќе бараат решение преку дијалог.
– Западот не треба да одлучува за нашата безбедност. Западот се обидува да ни ја наметне сопствената слика за иднината на Европа – рече Лавров
На прес-конференција Лавров ја спореди Америка со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер.
– Америка им диктира на Германците што е добро за европската енергетска безбедност. Тие велат дека не им треба гасоводот Северен тек 2 и тврдат дека Америка ќе обезбеди енергетска безбедност, која е неколку пати поскапа – рече Лавров.
– Наполеон и Хитлер имаа за цел да ја стават цела Европа под своја контрола. Сега Американците сакаат да го направат тоа – рече тој.
– Во филмовите имате слика за апсолутно зло и апсолутно добро. Глобалната слика е слична. Верувам дека хистеријата ќе престане – рече Лавров на прес-конференцијата на која одговара и на прашања од странски новинари.