УЧЕНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ВО КЛУПИТЕ? Комисијата препорача наставата да продолжи во училниците
Комисијата денеска препорача клиниките за кожни болести и за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат да работат како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември“.
Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, денеска препорача наставата во второто полугодие од учебната 2021/2022 година да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и во средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.
Комисијата препорача и клиниките за кожни болести и за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат да работат како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември“. Сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за оваа одлука со цел да ги преземат сите неопходни активности.
Во моментов се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во земјата.
Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација, да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од ковид-19. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат медицински сестри и болничари за вклучување во работата на Клиниката за инфективни болести.