НОВ РИЗИК ПО ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОДАТА ВО ГОСТИВАР Можно појавување на жолтица, предупредува Комисијата

Иако засега нема потврдени случаи на хепатит, здравствените власти предупредуваат дека поради периодот на инкубација постои можност за појава на заболувања во следните недели.

54

Комисијата за заразни болести предупредува дека во наредниот период во Гостивар постои ризик од појава на случаи на хепатит А и хепатит Е како можна задоцнета последица од загадувањето на водата.

Засега нема регистрирани и потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен епидемиолошки надзор поради периодот на инкубација на вирусите кои можат да се пренесат преку загадена вода.






Претседателката на Комисијата за заразни болести, Жаклина Шопова, информираше дека во изминатите десет дена околу 3.850 жители на Гостивар побарале лекарска помош поради дијареа, повраќање и други стомачни тегоби.

Иако бројот на нови пациенти се намалува, Шопова предупреди дека по цревните инфекции може да следи појава и на други заболувања поврзани со загадена вода.

Хепатит А најчесто се пренесува преку контаминирана храна или вода, а првите симптоми обично се појавуваат околу еден месец по заразувањето.

Кај хепатит Е периодот на инкубација може да трае од две до десет недели, што е причината поради која надлежните предупредуваат на можни задоцнети случаи.

Од Комисијата нагласуваат дека предупредувањето не значи дека во Гостивар веќе има епидемија на жолтица, туку дека постои ризик од појава на нови заболени во следниот период.

Граѓаните се повикуваат веднаш да се јават на лекар доколку забележат симптоми како пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, изразен замор, мачнина или болки во стомакот.

Во меѓувреме, кај досегашните пациенти сè уште не е утврден еден заеднички причинител на масовните цревни инфекции.

Надлежните информираа дека кај дел од примероците биле изолирани астровирус и шигела, но причинителите не се исти кај сите заболени.

Комисијата повторно апелираше водата од гостиварскиот водовод да не се користи за пиење и други намени сè додека надлежните институции официјално не потврдат дека е безбедна.

Поврзани содржини