ЕПИДЕМИЈАТА СЕ СМИРУВА, НО НАДЗОРОТ ПРОДОЛЖУВА Клековски откри колку нови случаи има во Гостивар

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека акутната фаза на епидемијата се смирува, но ќе продолжи засилен надзор за можни заразни заболувања.

0

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека во Гостивар се регистрирани 109 нови случаи поврзани со епидемијата, а по смирувањето на акутната фаза е воведен засилен надзор за следење на можни заразни заболувања.

Клековски посочи дека бројот на новопријавени случаи во последните четири дена се движи меѓу 80 и 125, но дека во овој момент не може да се утврди колкав дел од нив се директно поврзани со епидемијата.






– Со денешниот ден во Гостивар има 109 нови први контакти. Бројката се движи од 80 до 125 во последните четири дена, со тоа што во овој момент не можеме да кажеме колку е тоа редовна состојба, а колку е поврзано со епидемијата. За да го направиме тоа, мора да имаме епидемиолошки анкети – изјави Клековски на прес-конференција.

Тој појасни дека во просек во изминатите 10 години во јули во Гостивар имало околу 25 пријави за заразни болести, поради што ќе биде потребно дополнително да се утврди кои случаи се дел од редовната состојба, а кои се последица на епидемијата.

Според министерот, бројот на формални пријави во моментов изнесува 869, од кои епидемиолошки се анкетирани 602 лица.

– Како што акутната фаза на епидемијата во Гостивар е во смирување, во консултација со Комисијата за заразни болести решивме да одредиме засилен надзор за постакутната фаза – рече Клековски.

Тој упати апел до матичните лекари и здравствените установи во Гостивар посебно внимание да посветат на следењето на хепатитис А и Е, но и на други можни заразни заболувања кои би можеле да се појават во наредниот период.

– Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари, а ќе бидат дадени и насоки за комуникација со населението. Клучно е раното препознавање за здравствените установи навремено да реагираат – додаде министерот.

Клековски информираше дека паралелно продолжуваат анализите за текот на епидемијата преку два системи – системот за пријавување заразни болести и анализата на податоците од платформата „Мој термин“.

– Го опфаќаме периодот од 1 јуни наваму, со споредбени податоци со просекот од последните 12 години. Тоа ќе ни овозможи да влеземе во втора фаза, процена и евалуација на случувањата, текот на настаните и реакцијата на системот – најави Клековски.

Поврзани содржини