ПРИВИЛЕГИРАН Е НАРОДОТ ШТО ГО ИМА КОНЕСКИ Претседателот говореше за наследството на великанот
На претседателот Пендаровски му беше врачена плакета во знак на особена благодарност за континуираните напори и за придонесот во развојот на високообразовната и научната дејност, како и за несебичната поддршка и афирмација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје во земјата и во странство.
Претседателот Стево Пендаровски вечерва се обрати на свеченото одбележување на јубилеите „75 години Филолошки факултет“ и „100 години од раѓањето на Блаже Конески“ што се одржа во Македонскиот народен театар во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
На свечениот настан, на претседателот Пендаровски му беше врачена плакета во знак на особена благодарност за континуираните напори и за придонесот во развојот на високообразовната и научната дејност, како и за несебичната поддршка и афирмација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје во земјата и во странство. Беше прикажана и балетската претстава „Меѓусвет“ (Убавите жени) инспирирана од поезијата на Блаже Конески чија кореографија и режија ја подготви Рисима Рисимкин.
– На крајот сме од годината во која одбележуваме 100 години од раѓањето на Блаже Конески, еден од носечките столбови на современите образовни, научни, културни и уметнички политики кај нас, кој заедно со Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ и неколкумина други се основополжници на Филолошкиот факултет и трајни патокази за идниот развој на филолошките науки, како интегрален дел на хуманистиката. Македонскиот народ е привилегиран да има како дел од своето културно, уметничко и научно наследство, вертикала каква што е Конески. Има неколку мисли на Агамбен што индиректно асоцираат на креациите на Конески, а кои го дефинираат како човек кој стои со двете нозе во неговото време, но, можете комотно да го поставите и во нашево, а да не изгуби ништо од својата свежина. Имено, тој вели: „Современ може да биде единствено оној кој не допушта да биде заслепен од светлата на векот… современ е оној кој ја перцепира темнината на своето време … и кој не престанува да го интерпретира. … На своето време му припаѓа оној кој не се прилагодува на неговите барања, туку се обидува повеќе од кој било друг да го перцепира, сеопфатно да го согледа и разборито да го коментира.“ Почитувани, токму затоа, Блаже Конески останува современ за сите времиња. И затоа немам сомнеж дека Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, ќе остане современ и траен за сите времиња – истакна претседателот.